Интерпелација за претседателот на Уставниот суд: Гаши најавува процесирање

 


Секоја иницијатива поднесена од страна на пратениците, доколку е во согласност со Уставот и Деловникот и законите, ќе биде процесирана со целосно почитување на законите и демократските стандарди, се вели во писменото соопштение од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши во врска со поднесената интерпелација за претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски од пратеничката група на „Европскиот фронт“.

-Како што е јасно утврдено во член 47 од Деловникот на Собранието и член 72 од Уставот, пратениците имаат уставно загарантирано право да покренат интерпелација за работата на секој носител на јавна функција. Овие одредби не се предмет на слободно толкување, туку нивна примена. Претседателот на Собранието останува посветен на принципиелно и законито раководење, засновано врз уставниот поредок, институционалната непристрасност и доследно почитување на процедурите. Секоја иницијатива поднесена од страна на пратениците, доколку е во согласност со Уставот и Деловникот и законите, ќе биде процесирана со целосно почитување на законите и демократските стандарди, се наведува во соопштението.

Од Кабинетот на Гаши посочуваат дека обезбедувањето на легалитетот и заштитата на институционалниот интегритет на Собранието не претставуваат само обврска, туку и темелен принцип на визијата на Претседателот за одговорно владеење.

СДСМ денеска претходно преку писмено соопштение информираа нема да ја поддржи интерпелацијата на Претседателот на Уставниот суд.

-Претседателот не го избира Собранието, туку се бира од страна на уставните судии, оттаму ниту правно формално оваа иницијатива не е издржана, појаснуваат од партијата.

Покрај ова, сметаат дека таа може да се искористи исклучиво за дневно политички цели од страна на оние кои ја иницираат.

Пратеничката група на Европскиот фронт завчера до претседателот на Собранието Африм Гаши  поднесе интерпелација за претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.  Пратеникот Илир Хасани вчера  на прес-конференција образложи дека интерпелацијата е поднесена за работата на Костадиновски врз основа на член 72, став 1 и став 2 од Уставот на Република Северна Македонија. Според Хасани, Костадиновски свесно го прекршил Законот за употреба на јазиците и членот 101 од Законот за  Уставниот суд.  Според него, Костадиновски има предрасуди кон албанскиот јазик и прашува што има против албанскиот јазик. 

-Во причините за интерпелацијата може да споменеме интервју што е дадено за новинарската агенција МИА во август 2024 година, каде што цитирам „дека политиката што ја создаде тој закон создаде еден вид правен хаос што резултираше со политички хаос, недоверба и дилема. Факт е дека законот се спроведува и дека создава проблеми со неговата имплементација“. Оваа изјава покренува неколку прашања: Врз основа на кој член од Уставот или кокретен закон претседателот на Уставен суд смее да карактеризира закон како извор на политички и правен хаос и дали е во надлежност на претседател на Уставен суд да утврди проблеми во спроведување на законот и да предвиди законодавна интервенција. Ваквите изјави ги намалуваат рамките на надлежностите дефинирани со закон и создава серија сомнежи за непристараноста на претседателот на Судот во случаи што се уште се во фаза за разгледување, рече Хасани.

05.06.2025 - 15:05

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега