Израелски министер: Ќе му го направиме на Техеран она што му го направивме на Хамас

 


Израел ќе му го направи на Техеран она што „му го направи на Хамас во Појасот Газа“, изјави денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац. 

„Ги предупредувам иранските лидери кои ја финансираат, вооружуваат и експлоатираат терористичката организација Хути: оската на злото е срушена“, наведува Кац во соопштение, четири дена откако јеменските бунтовници Хути, сојузници на Иран, започнаа напад врз аеродромот во Тел Авив.

„Вие сте директно одговорни“, им порача Кац на иранските лидери.

Тој додаде дека Израел ќе му го направи на Техеран она што му го направи на либанското исламистичко движење Хезболах во Бејрут, на палестинското исламистичко движење Хамас во Појасот Газа и на сирискиот лидер Башар ал-Асад во Дамаск.

Како одговор на ракетниот напад на Хутите врз главниот меѓународен аеродром во Израел во неделата, израелската војска оваа недела изврши напади врз аеродромот во главниот град на Јемен, Сана, електраните во регионот и фабриките.

Хутите, заедно со Хамас и Хезболах, се дел од она што Техеран го претставува како „оска на отпорот“ кон Израел. Сепак, Иран негира дека им обезбедува воена помош.

08.05.2025 - 11:14

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега