Јапонски научници развија тест за рано предупредување на потешки случаи на коронавирус

Јапонски научници развија крвен тест за кој велат дека може да послужи како систем за рано предупредување на посериозни случаи на ковид-19 и 500 прототипови од уредите испратиле до здравствените установи низ целата земја за да ја тестираат неговата ефикасност.

Истражувачи од Националниот центар за глобално здравје и медицина досега тестирале пет соединенија од крвта на 28 пациенти, при што откриле дека отчитувањето на ниски нивоа на серумот ЦЦЛ17 предвидува развој на посериозна инфекција со коронавирус.

Резултатите сугерираат дека раното тестирање на нивото на споменатиот серум може да придонесе во тоа да се утврди кои пациенти ќе имаат потреба од хоспитализација, објавија во нивниот септемвриски труд.

„Ако се покаже дека ЦЦЛ17 е помалку од 100 пикограми на милилитар крв, лекарите ќе можат да побараат хоспитализација на пациентот, а ако изнесува повеќе од 400, пациентите ќе можат да останат дома и да му се јавуваат на лекарот на секои три дена“, изјави лидерот на истражувањето Масаја Сугијама за Ројтерс во петокот.

„За да се потврдат резултатите од оваа мала студија, ќе ни требаат повеќе податоци“, истакна Сугијама, додавајќи дека од почетокот на истражувањето на група од 28 пациенти, тој и неговите колеги продолжуваат да соработуваат со јапонска компанија на развој на прототип за испитување на серумот.

„Во моментов во земјата се користат скоро 500 уреди кои даваат резултати за околу дваесетина минути“, рече тој.

„Научниците имаат намера да побараат регулаторно одобрување за употреба на уредот во Јапонија и размислуваат за можноста на негово лиценцирање и извоз на странски пазар“, рече Сугијама, одбивајќи да го открие името на компанијата што го произведува уредот за тестирање.

„Многу е важно што побрзо да се открие кој ќе развие потешка форма на болеста што може да резултира со смрт, а кој од пациентите може да биде заразен и да помине без симптоми. Таквото тестирање ќе овозможи многу лесно да се утврди кој ќе ‘извлече полоша карта’“, рече Сугијама.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.09.2020 - 23:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега