Каевски: Во време на криза градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ трошат милиони евра за партиски вработувања
Владата предводена од СДСМ во време на криза презема навремени и ефикасни мерки за помош на граѓаните и стопанството, изјави Дарко Каевски, портпарол и пратеник на СДСМ.
Додаде дека пакетот од 26 антикризни мерки вреден 400 милиони евра веќе дава резултати, цената на горивата постојано се намалува, а со укинувањето на ДДВ за основните производи ги штитиме семејните буџети од нови ценовни шокови.
Но кризата, како што рече, како да не важи за градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ.
„Речиси да нема ден во кој не се појавува нов доказ за расипништво на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Вчера објавивме дека само четири градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ќе потрошат еден милион евра за партиски вработувања. Градоначалниците на Град Скопје, Гази Баба, Кисела Вода и Ѓорче Петров годинава ќе потрошат скоро еден милион евра за вдомување на партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ. И партизацијата на општините не завршува тука. Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ оваа година ќе потроши четири милиони денари или скоро 70.000 евра за вработување партиски послушници“, нагласи Каевски.
Според него, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, се најгласни дека општините немаат пари да платат струја и парно а истите со народни пари вдомуваат нивни сопартијци.
„За сето ова време, Христијан Мицкоски кој во јавноста глуми загриженост за економскиот стандард, за ова расипништво молчи, и не ги повикува градоначалниците да престанат со трошењето на парите и да ги пренаменат за потребите на граѓаните. Очигледно е дека ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е нереформирана партија која неодговорно се однесува со парите на граѓаните“, истакна пратеникот на СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа