Кекеновски поднесе кривична пријава против Дерковски и сите други членови на ДИК

Kривична пријава против Oливер Дерковски, претседател на Државната изборна комисија и останатите членови на комисијата поради постоење на основано сомневање за злоупотреба на избирачкото право, за повреда на слободата на определувањето на избирачите и извршена измама, поднесе денеска Јове Кекеновски, носител на листата во ИЕ2 на коалицијата „Никогаш северна, само Македонија”, пренесува МКД.мк

Кекеновски смета дека на гласачкото ливче требаше да стои името на коалицијата, а не на партијата Единствена Македонија, носител на коалицијата.

„И покрај уредно поднесените и прифатени листи на кандидати на коалицијата „Никогаш северна, само Македонија” под истото име, наместо реалниот и вистински назив на поднесената и прифатена листа од ДИК, на избирачкото ливче стои друго име односно името на подносителот на листата кој е само еден сегемент од коалицијата.

На 65-та седница на ДИК одржана на 19 март потврдени се поднесените листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија и називите под кои ќе настапуваат на изборите, при што недвосмислено и јасно е потврдена и листата на кандидати од коалицијата.

И покрај оваа јасна и недвосмислена одлука, на избирачкото ливче на избирачите наместо утврденото и прифатеното име на листата на Коалицијата „Никогаш северна, само Македонија” им е понудено новo име кое не соодветсвува со одлуката и пријавата на листите за кандидати за пратеници, односно се појавува Единствена Македонија која никаде не е спомената ниту пак нотирана во одлуката за прифаќање на листите од страна на ДИК како и при извршената ждерпка.

На овој начин свесно е направена измама на избирачите и истите се доведени во заблуда и се оневозможени да го остварат своето право на глас за коалицијата „Никогаш северна, само Македонија”, односно свесно е сторена повреда и злоупотреба на избирачкото право и повреда на слободата на определувањето на избирачите казниви според одредбите од Кривичниот законик член 160 став 2; член 164 став 2 и член 165“, рече Кекеновски и побара темелна предистражна и истражна постапка, по што треба да се поднесе и обвинение со кое пријавените ќе бидат обвинети за пријавените сторени кривични дела, наведени во кривичнава пријава.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.07.2020 - 13:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега