Кичевски: Катастрофа во Скопје, ете што се случува кога Мицкоски ќе добие власт во градот
Една и пол година во Град Скопје владее хаос и неспособност од градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, обвинува опозициската СДСМ.
Претседателот на градската организација на партијата, Васко Кичевски, на прес-конференција рече дека бројни важни проекти се стопирани како што е реконструкцијата на Универзална сала, изградбата на улицата Есенинова и мостот на булевар АСНОМ, а клучката и кружниот тек кај Момин поток се градат далеку поспоро од предвиденото темпо.
-Но затоа забрзано се одвива партизацијата на градската администрација и постојаната смена на директори на јавните градски претпријатија и установи. Нема нови проекти и решенија, нема крупни градежни зафати, но затоа од страна на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ има кавги за тендери и провизии и популистички иницијативи да се врати споменикот на Ќосето - симболот на режимот на Груевски. Ете што се случува кога шпицниот градоначалник и заложник на Димитар Апасиев и Левица, Христијан Мицкоски ќе ја добие власта во градот.
Според него, ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, партијата што, како што вели, 11 години ја уназадуваше државата, денес го уназадува Град Скопје.
-И тогаш и сега на ВМРО-ДПМНЕ потребите на граѓаните им се на последно место, а личните и бизнис интерес им се пред сѐ. Арсовска и другите скопски градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ се најнеспособните и најнеуспешните градоначалници досега, вели Кичевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа