Коцевски: Нема никаква селективност во истрагата за трагедијата во Кочани

 

Нема никаква селективност во истрагата што се води за трагедијата во Кочани досега и немам никакви политички притисоци или закани, тврди јавниот обвинител Љупчо Коцевски за постапката што ја води Обвинителството за пожарот во дискотеката „Пулс“ во која загинаа 62 лица.

-Нема никаква селективност досега, нема да има ниту натаму. Се до завршување на истрагата можно е евентуално проширување меѓутоа тоа зависи и од доказите и од тоа што ќе го обезбедат јавните обвинители – одговори Коцевски на прашањето за обвинувањата за селективност во истрагата и дали ќе има проширување со актуелни полициски службеници кои биле присутни кобната вечер.

На прашањето пак дали се истражува во насока на наредбата што била издадена за рацијата во дискотеката и дали ќе бидат опфатени тогашниот началник на ОВР Кочани и СВР Штип кои се само разрешени Коцевски не откри ништо.

-Истрагата е во исклучително важна фаза сега и не можеме некои подетални информации во однос на евентуални дејствија којшто се преземаат – рече Коцевски.

Бројката на осомничени Коцевски точно не можеше да ја кажи бидејќи биле само осомничени, иако министерот за внатрешни работи Панче Тошковски излегува со бројка од 70, додека од Обвинителството досега имаа кажано за 59 осомничени.

Власта кога се случи трагедијата во Кочани ја запре постапката за разрешување на обвинителот, но може да ја поднесе до Собрание во секој момент, но Коцевски вели дека не се чувствува уценет и тврди дека нема ниту политички притисоци, ниту закани.

-Тоа е политичка одлука. Во моментов од почнување на истрагата немам никакви притисоци или евентуално закани -вели тој.

Сега обвинителите и во Кочани и во Скопје сослушуваат сведоци, оштетени и други лица кои знаат нешто за настанот.

08.05.2025 - 12:00

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега