Кој е човекот на кого му е пресадено свинско срце - пред 30 години со нож избодел човек седум пати

Светот пред неколку дена го обиколи неверојатна вест дека на пациентот со срцеви проблеми од Мериленд, Дејвид Бенет, хирурзите му пресадиле срце од генетски модифицирана свиња, а еве кој е првиот пациент на светот кај кого овој зафат е успешно извршен.

Лесли Шумакер Дауни била дома и ги чувала внуките кога добила порака на мобилен телефон. Тоа била нејзината ќерка која и пратила статија за 57-годишен маж со терминална срцева болест, кој три дена претходно во медицинскиот центар на Универзитетот Мериленд добил срце од генетски модифицирана свиња.

„Каков голем напредок за науката...„, помислила Дауни читајќи го насловот.

Меѓутоа, телефонот веднаш потоа заѕвонел.

„Мамо...Гледаш ли кој е тоа?“, рекла ќерката и и порачала да обрати внимание на името на човекот.

Дауни се шокирала. Човекот кој е наречен пионер во медицината, Дејвид Бенет, бил истиот тој што во 1988-ма година бил осуден дека седум пати со нож го избодел нејзиниот помлад брат Едвард Шумакер. Тој после тоа останал парализиран и наредните 18 години ги минал во инвалидска количка пред во 2005-та година да доживее мозочен удар и да почине две години подоцна, една недела пред својот 41 роденден.

„Ед патеше. Со години минувавме низ трауми, целото семејство мораше да се носи со тоа“, рекла Дауни за "Washington Post".

Од друга страна, откако Бенет излегол од затвор отслужувајќи казна за напад со нож, "продолжил да живее мирен и комфорен живот".

Како што пишува "Daily Mail", Бенет служел затворска казна поради напад на Едвард Шумакер, тогаш 22-годишно момче, додека играл билјард во бар во Мериленд во април 1988-ма година, откако ја фатил својата тогашна сопруга Норма Џин Бенет како седи во скутот на Шумакер додека разговарале и пиеле.

Бенет, тогаш на возраст од 23 години, бил обвинет за напад и носење на скриено оружје и бил осуден на 10 години затвор, но не ја отслужил целата казна. Точното време кое го минал зад решетки останува непознато, но семејството Шумакер рекло дека станува збор за пет години.

„Сега има друга можност со новото срце, но би сакала, барем според моето мислење, втора шанса да добие некој што ја заслужува“, вели Дауни.

Инаку, повеќе од 106.000 Американци се наоѓаат на државната листа на чекање за трансплантација на органи, а 17 луѓе умираат секој ден без да го дочекаат органот кој им е потребен. Соочени со таквиот недостиг, некои семејства би можеле да помислат дека е несовесно на осудени за злосторства да им е овозможи зафат кој спасува живот.

Сепак, повеќето лекари не го делат истото мислење. Имено, не постои закон или пропис кој забранува на некој со криминално минато да биде кандидат за трансплантација или да биде подложен на експериментална постапка.


 

„Клучно начело во медицината е да се лечи секој што е болен, без разлика на тоа кој е и каква е неговата историја", рекол Артур Каплан, професор за биоетика на Њујоршкиот универзитет.

„Ние не се занимаваме со одвојување на грешниците од светците. Со злосторство се занимава правната струка“, заклучил тој.

Претставниците на Медицинскиот центар при Универзитетот Мериленд одбиле да кажат дали знаеле за криминалното минато на Бенет.

Во пишаната изјава, тие рекле дека болницата во Балтимор дава нега која спасува животи на сите пациенти кој ќе влезат низ нејзините врати на основа на медицинските потреби, а не на нивното минато или животните околности.

Исто така, синот на пациентот со свинско срце, Дејвид Бенет Џуниор, кој работи како физиотерапевт во Северна Каролина, рекол дека неколку болници одбиле да го стават неговиот татко на листата за чекање бидејќи во минатото не ги следел лекарските упатства и не одел редовно на прегледи. Исто така, не ги земал доследно лековите. Кон средината на декември му била понудена опцијата за свинско срце откако, како што неговиот син открил, веќе се збогувал со животот и се подготвувал да потпише документи за донирање на своите органи.

„Сакам да живеам", рекол Бенет, сфаќајќи дека таа операција за него не претставува, втора, туку трета шанса.

Имено, пред повеќе од 30 години, Бенет бил прогласен за виновен за физички напад и носење на оружје откако Шумакер го избодел со нож. Осуден е на 10 години затвор и му било наложено да исплати отштета. Казнено поправниот дом не можел да каже колку години казна отслужил, ниту кога бил пуштен на слобода. Дауни рекла рекла дека отслужил околу 5 години.

Шумакер и неговото семејство исто така го тужеле Бенет, на кого му било наложено да плати 3,4 милиони долари отштета. Дауни рекла дека нејзините родители никогаш не добиле "ни долар" од тужбата, а земале кредити за купување на соодветна опрема за својот син.

14.01.2022 - 16:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега