Костадинов: Охридскиот и Преспанскиот договор се државен интерес

Како пратеник односно шеф на Парламентарната група за соработка со Конгресот на САД, Koстадин Костадинов, ја поздрави одлуката на претседателот на Соединетите држави, Џо Бајден кој вчера го прошири опсегот на санкции за поединци и организации од земјите на Западен Балкан, што ја загрозуваат стабилноста на регионот, а во декретот се додадени Преспанскиот и Охридскиот договор.

Костадинов вели дека Охридскиот и Преспанскиот договор се важни државнички достигнувања, односно се дел од нашите државни и национални интереси и се поклопуваат со оние на САД.

„Овие два договори се усвоени токму овде во македонското Собрание и тие се гарант за стабилноста и напредок на нашата држава и на целиот регион. Еден од најсилните гарантори за овие договорите е нашиот стратешки сојузник САД. Одлуката на Претседателот на САД, Џо Бајден испраќа на јасен сигнал од страна на Соединетите Американски Држави, кои се интересите на САД во овај регион и на кој начин ќе се заштитат“, рече Костадинов.

Според него, ставот на поединци од ВМРО-ДПМНЕ дека оваа партија и натаму останува против Договорот од Преспа, значи вртење грб на граѓаните, но и на, како што вели, нашиот најголем стратешки пријател САД, на нашите сојузници во НАТО.

„Непочитувањето на овие договори е дејствување спротивно на државните и националните интереси, спротивно на меѓуетничките и соседските односи. Најголемата опозициска партија овде во Собранието станува се повеќе изолирана, се повеќе неважна. Како пратеници избрани од народот, како членови на законодавниот дом имаме обврска овие договори да ги почитуваме, да ја следиме нивната реализација, а не да ги прекршуваме“, рече Костадинов.

Додаде дека парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и коалицијата нема да дозволи да се загрози спроведувањето на овие договори, и со тоа да се загрози перспективата на Република Северна Македонија.

10.06.2021 - 13:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега