Костовски: МВР да ги казни сторителите на вчерашниот инцидент и приведување

МВР на Спасовски вчера приведе член на ВМРО-ДПМНЕ, млад човек кој мирно протестираше и го изразуваше својот револт против продажбата на Македонија, нејзиниот идентитет, јазик и историја од страна на Зоран Заев, на прес-конференција изјави пратеникот Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова е фрапантна аудиоснимка направена од мобилниот телефон на Стефан Калошев, кој се наоѓал во неговиот џеб при апсењето. На снимката се слуша како луѓето на Спасовски го малтретираат, тепаат и пцујат додека го приведуваат. Од оваа снимка се слуша гневот и омразата на власта кон народот. Од оваа снимка станува јасно дрка апсењето е директна наредба на Зоран Заев и Оливер Спасовски. Ова е хибридниот режим на дело“, рече Костовски и порача дека очекува одговорност како од директните сторители така и од Спасовски лично.

Според Костовски, ова насилие е плод на, како што вели, предавствата на Заев.

„Зоран Заев и Владо Бучковски подолг период наназад тајно преговараат со Бугарија, а на маса е бугарската декларација која значи негација на македонскиот идентитет, јазик и историја. Двоецот Бучковски и Заев ја продаваат Македонија. Протестираме и бараме Зоран Заев јавно да го покаже патоказот за кој преговара. Јавноста не смее да биде исклучена“, истакна тој.

Тој нагласи дека припадниците на МВР спротивно на закон го лишиле од слобода, а потоа и физички го малтретирале Стефан.

„Денеска заедно со Стефан ќе поднесеме и претставка до Одделот за внатрешна контрола на МВР за неправилно постапувањето на полицискиот службеник при негово приведување. Поднесуваме пријава за да има трага за процесуирање и санкционирање на таквото однесување. Воедно бараме извинување од Спасовски, кој наместо заштитник на мафијата, еднаш да биде заштитник на народот. Ги знаеме и тие кои дале наредба за ова насилие и полицаецот кој е одговорен. Даваме 24 часа сами да ги кажат“, порача Костовски.

Тој повторно повика денеска со почеток од 15 часот на блокади на крстосниците кај Мавровка, Градска болница Наум Охридски и НИП Нова Македонија. Исто така и во 9 градови низ државата.

09.06.2021 - 13:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега