Ковачевски преводи владина делегација на самитот на НАТО во Вилнус, Литванија

 

 

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, утре и задутре ќе учествува и ќе ја предводи делегацијата на Република Северна Македонија на самитот на НАТО, што се одржува во Вилнус, Литванија. Во состав на владината делегација се министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Ковачевски ќе учествува на состаноците на шефови на држави и влади членки на Северноатлантскиот совет и поканетите шефови на држави и влади на партнерските земји Австралија, Грузија, Јапонија, Република Кореја, Нов Зеланд како и претседателите на Европскиот совет и Европската комисија. На самитот е предвидено да учествува и претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

На самитот ќе се говори за ургентните безбедносни предизвици. Во фокус на состаноците на лидерите на Северноатлантскиот совет предвидено е да биде зајакнувањето на поддршката за Украина и зајакнувањето на врската на НАТО со Украина преку формирање на советот НАТО – Украина. Лидерите ќе говорат за унапредување на одбранбените капацитети, споделување на обврските за снабдување со ресурси, како и нови одбранбени регионални планови и зајакнување на партнерствата.

Во рамките на учеството на самитот на НАТО предвидено е претседателот на Владата, Ковачевски, да оствари билатерални средби со премиерката на Естонија, Каја Калас, и со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис. Во програмата се предвидени и неформални состаноци на министрите за одбрана и надворешни работи, на кои ќе учествуваат и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

На самитот на НАТО премиерот Ковачевски ќе биде придружуван од сопругата Елена Ковачевска, која ќе има свои активности во рамките на програмата за сопружници во организација на првата дама на Литванија, г-ѓа Дијана Науседа. Сопругата на претседателот на Владата, г-ѓа Ковачевска, ќе го посети Центарот за деца и жени бегалци од војната во Украина, каде што ќе се сретне со првата дама на Украина, г-ѓа Олена Зеленска. Во рамките на посетата г-ѓа Ковачевска ќе присуствува и на настани посветени на литванската култура и уметност.

10.07.2023 - 15:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега