Ковачевски: СДСМ ќе гласа согласно предлогот на Владата и ставот на пратениците на АА за кадровски промени од партијата
Пратеничката група на СДСМ ќе гласа согласно предлогот на Владата во однос на кадровски промени од редовите на Алијанса за Албанците и врз основа на ставот којшто ќе го имаат и пратениците на АА.
Ова го изјави денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата Лапласт - М.
Ковачевски не сакаше да ги коментира односите внатре во партијата на Алијанса за Албанците.
Сепак, на прашањето како пратеничката група на СДСМ ќе гласа во Собранието на Македонија ако на дневен ред дојдее владин предлог по барањето на Кадровската комисија на АА за разрешување на министрите Азир Алиу и Фатмир Меџити, кои се поддржувачи на Таравари, како и за именување на Илир Демири и Наим Бајрами за нови министри, кои се поддржувачи на Села, Ковачевски одговори: „Дали ќе има предлог до Собранието од Владата, ќе го прашате премиерот. А доколку биде доставен таков предлог од Владата, СДСМ ќе гласа во согласност со предлогот од Владата и секако врз основа на ставот што го имаат пратениците од Алијанса“.
На прашањето дали ќе има одлука за заеднички изборни листи со сегашните владини партнери, Ковачевски рече:
„Дали ќе се оди на заеднички листи или на листи на традиционални коалиции, ќе одлучат органите на партиите, но на крајот на денот имаме два блока, едниот е за европска интеграција, а другиот се блокот партии за изолација“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа