Ковачевски: Со правилни економски политики, во време на криза растат платите и пензиите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот, порача дека со системските решенија што ги носи Владата и со антикризните мерки, има покачувања на минималната и просечната плата, растат пензиите, со мерките за замрзнување на цените на основните призводи Владата го штити стандардот на граѓаните, односно нема непотребни трошења, туку парите се насочуваат кон граѓаните.

„Почнувајќи од април, минималната плата во државата ќе биде повисока за 2.175 денари и од 18.000 ќе се покачи на 20.175 денари. Од следниот месец, секој работник ќе ја зема оваа плата како минимална плата. Како што ветивме, го исполнивме ветувањето“ рече премиерот Ковачевски.

Ова, како што констатираше премиерот, значи над 12-процентно зголемување на основната минимална плата и линеарно усогласување на платите на 27.000 работници, како и во сите сектори, во коишто законите се усогласени со Законот за минимална плата. Во шест години, како што посочи премиерот, Владата за четири пати ја зголеми минималната плата: на 12.000, на 15.200 денари, на 18.000 и сега на 20.175 денари.

„Заврши времето кога работниците во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, околу 90.000 работници во текстилната, чевларската и кожната индустрија, беа дискриминирани и земаа плата пониска од законскиот минимум. Денес, минималната плата важи за сите стопански гранки, а со донесеното законско решение, минималната плата ќе расте секој март, без да зависи од волјата на која било, сегашна или идна Влада“, посочи премиерот Ковачевски.

Растот на минималната плата, како што рече премиерот, ќе поттикне раст и на останатите плати.

„Просечната плата сега изнесува 34.364 денари и дополнително ќе се зголеми“, најави премиерот Ковачевски.

На среден рок, во периодот 2024-2027 година, како што соопшти премиерот, номиналниот раст на просечната плата се очекува да изнесува 6,1 процент на годишно ниво и платите до 2027 година треба да се движат, во: 2023 - 7,3%; 2024 - 6,4%; 2025 - 6,1%; 2026 - 6,1%; 2027 - 5,8%.

Премиерот Ковачевски направи споредба и на висината на платите во однос на трошоците за живот. Рече дека во 2012 година кога просечната плата била 20.900 денари, а минималната плата 8.050 денари, биле потребни 4 просечни плати и тоа во години кога немало војна и кога немало инфлација, предизвиката од воени дејствија на европскиот континент. Во 2013 година просечна плата била 21.000 денари, а биле потребни 4 минимални плати за покривање на една потрошувачка кошничка.

„Денеска имаме 34.000 денари просечна плата и минимална плата којашто е 20.175 денари. Таа е 2,5 пати повисока од онаа во 2013 година и потребни се 2,1 минимални плати за покривање на една потрошувачката кошница. Тезата дека ова е инфлаторно покачување не е точна. Овие решенија покажуваат што е исправна економска полиика“, рече премиерот Ковачевски, кој посочи дека од октомври до денес имаме констатнтно намалување на инфлацијата месец по месец.

Системските решенија, како што рече премиерот, функционираат, за што е доказ и покачувањето на пензиите коишто се усогласуваат со трошоците за живот и со просечната плата секои 1 март и на 1 септември, без да зависат од политичари и избори, за разлика од порано кога растеа само пред избори.

„Мартовската пензија во 2023 година е повисока за 8,4 проценти. Тоа значи во една календарска година дека пензиите се зголемени за 16%. Со следното зголемување кое што следува во септември оваа година пензиите за овој период ќе пораснат за 25 проценти што никогаш се нема случено во историјата. Пикот на инфлацијата беше 14,7 проценти. Пензиите ќе пораснат за 25 проценти. Пак не држи констатацијата дека е инфлаторно покачување“, додаде премиерот Ковачевски.

„Ова покачување на платите и пензиите се случува во време кога Владата којашто јас ја предводам носи мерки за заштита на стандардот на граѓаните, особено на ранливите категории граѓани. Сите финансиски средства и за зголемување на минималната плата и за линеарното зголемување плати и зголемувањето на пензиите се планирани во Буџетот, вклучително и 225 милиони евра антикризните мерки, затоа што другите трошоци се намалени. Зголемени инвестиции и зголемена грижа за граѓаните“, порача премиерот Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.

28.03.2023 - 15:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега