Ковачевски: Стратешката грешка што ЕУ ја направи пред пет години не може да се реши за пет минути
ЕУ, по војната во Украина, ја сфати стратешката грешка што ја направи пред неколку години кога ни беше наметнато вето нам и на Албанија, изјави премиерот Димитар Ковачевски на форумот на „Глобсек 2023“ во Братислава, на тема: „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“.
Кога ќе направите стратешка грешка, вели Ковачевски, не може да ја решите за 5 минути.
„Стратешките грешки имаат свој ефект во период од 5 до 10 години најмалку. Знам дека претседателката на Европската комисија е голем пријател на нашите земји, а и личен пријател што ни помогна во најпредизвикувачките времиња затоа што неколку години работиме во ситуација на криза со пандемијата, економската, енергетската криза. Помошта што ја добивме беше потребна, нужна во тоа време, но исто така морам да потенцирам дека нашиот народ, нашите институции, заедно со премиерите на Албанија и Грција, работиме заедно сè со цел да ја решиме кризата и ја поминавме зимата“, рече премиерот.
Додаде дека не постои држава што требало да донесе помачни одлуки од нас за да стане членка на ЕУ и НАТО,
Прашан за исполнувањето на критериумите за членството во ЕУ, Ковачевски рече дека кога станува збор за пристапувањето, сите говоревме за копенхашките критериуми, но тие се веќе можеби заборавени.
„Што требаше да направи Северна Македонија за да стане членка на НАТО и ЕУ? Ако постои држава што требало да донесе помачни одлуки од нас, не знам. Го сменивме името за да станеме членка. И кога се заврши со тоа, НАТО испорача, ЕУ не. Тоа се факти. Затоа што измислија некакво вето поради владеењето на правото и некои други работи“, рече Ковачевски.
Тој рече и дека не би се согласил оти сите земји што се приклучиле кон ЕУ во тој момент биле на ниво на Франција или Шведска во поглед на интегритетот, владеењето на правото и демократија.
Северна Македонија спроведе тешки реформи, а Европскиот совет треба да има јасна стратегија за интеграција на Балканот, заклучи Ковачевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа