Ковачевски: Во новата програма повеќе пари за поддршка на спортистите и спортската инфраструктура


Претседателот на социјалдемократскиот сојуз на Македонија,  Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше на панел дискусијата „Инвестиции во спортот за нови спортски успеси“, на која што се дискутираше за состојбата во спортот, сегашните и идните мерки за поддршка на спортистите, законските регулативи во областа на спортот, како и за други теми важни за развојот на спортот.
 
Ковачевски посочи дека СДСМ како партија се грижи за развој на спортот од секој аспект и ја  развива спортската инфраструктура во секоја општина. При тоа, Ковачевски потенцираше дека инвестициите во спортот се важни и за здржување на младите спортски таленти во нашата држава, додавајќи дека државата има обврска да ги поддржи и да им овозможи услови да ги развиваат своите вештини во својата родна земја и да освојуваат награди на странски натпревари претставувајќи ја својата земја.
 
Во овој контекст, Ковачевски потенцираше дека евроинтегративниот процес е важен и за развојот на спортот, за спортистите да имаат европски услови дома.  
 
„Најчесто се случува наши таленти да играат за репрезентации на други држави. Тоа секако дека е поврзано и со економските услови во државата и секако дека е поврзано и со статусот на државата. Нашите спортисти одат во земји членки на Европската Унија  играат за нив, не одат тие во земји Азерјбеџан, Казахстан и итн.  Одат токму во ЕУ, и затоа велам дека тој процес на европски интеграции е поврзан со секој аспект на нашето живеење вклучително и со спортот. За да има предуслови за развој на спорт секако дека основна е спортската инфраструктура, финансиската поддршка и инвестирањето особено во капитални проекти, спортски сали, базени фудбалски игралишта и се друго од областа на спортот“,  рече Ковачевски.
 
На панел дискусијата, Ковачевски се осврна на досегашните преземени мерки и инвестиции во спортот. Вкупната бројка за капитални инвестиции која во 2022 година изнесуваше 327 милиони денари, во 2023 изнесуваше 360 милиони денари.
„Ние во изминатиот период навистина направивме големи инвестиции во спортот и финансиски меѓутоа и по број. На пример во општина Карпош комплетно се реконструираше спортската сала Партизан, која што беше оставена на забот на времето и денес е еден прекрасен објект кој што веќе е ставен во функција. До него се гради базен кој што ќе биде поврзан со салата, со што добиваме еден мултифункционален спортски објект кој можат да го користат граѓаните на цело Скопје. Во последните пет инвестициски години,  главно финансиските средства беа насочени кон изградба на кошаркарски игралишта, фитнес зони, реконструирани се повеќе спортски објекти меѓу кои и спортски сали. Беа вложени над милион евра во реконструкција на повеќе наменски игралишта во Куманово, Липково, Долнени, спортски игралишта во Штип, Крива Паланка, Куманово, Аеродром, Теарце, Дебар и многу други општини што значи дека не ги делиме општините на помали, поголеми, “, рече Ковачевски.
 
Владата предводена од СДСМ и во време на светска економска криза, инвестираше  во  унапредување на спортската инфраструктура. Во однос на инвестициите во спортската инфраструктура беа опфатени и затворените базени, како  во Тетово и во Струга, кои се готови и пуштени во употреба, а се градат и во Штип, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Чаир, Кавадарци, Битола, Кичево и други општини.
 
Ковачевски посочи дека дел од буџетските средства во износ од 32,5 милиони евра, кои неодамна, додека тој ја предводеше Владата, се пренаменивме за општините за проекти на локално ниво, токму за реализација на проекти од областа на спортот.
 
Паралелно на годишно ниво, се распределуваат над 15 милиони евра за директна финансиска поддршка за федерациите, во форма на спортските ваучери кои истотака се наменети за федераците, за спортисти кои се натреваруваат на меѓународната сцена, за корисници на национално спортско признание – „Спортска пензија“, како и за добитниците на државната награда „8ми Септември“ и  спортските стипендии. Со правилните политики на Владата предводена од СДСМ, односно од 2021 година до денес поддршката по овие основи од државата е над 45 милиони евра, а за 2024 е планирана истата сума од над 15 милиони евра годишно, со што спортот ќе има добра основа за развој и во 2024 година.
 
Со донесениот Закон за спорт се обезбедуваат 10 милиони евра финансиска поддршка за националните спортски федерации, спортските клубови, активни спортисти и спортистки од олимписки и неолимписки спортови. Дополнително со овој закон целосно се отстрануваат какви било злоупотреби и сомнежи во процедурата, а финансиските средства се ставаат на располагање кај спортски субјекти кои искрено работат и го сакаат спортот. 
 
Ковачевски посочи дека во новата изборна програма фокусот е ставен  на финансиска поддршка на спортот но и капиталните инвестиции. Целта е да се отвораат можности за сите, а особено за младите да постигнуваат успеси и да се гордееме со нив и на меѓународна сцена, за нивните успеси да не се случајни, туку системски, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
19.03.2024 - 15:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега