Лидерите на ЕУ денеска ќе расправаат за мигрантите и за проширувањето

 

Лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ денеска го продолжуваат самитот во Шпанија за да изнајдат начин да се избегне нова миграциска криза. Една од темите ќе биде и проширувањето.

Италија и Шпанија изразија загриженост поради зголемувањето на бројот на нерегуларни имигранти кои пристигнуваат на нивните острови оваа година, а Грција забележа голема поморска трагедија летото кога загинаа стотици мигранти.

Германија, претпочитаната дестинација за многу мигранти кои пристигнуваат во Европа, воведе гранични контроли, тврдејќи дека тие се неопходни за да се спречи шверцот на луѓе на нејзина територија, бидејќи оваа година регистрираше пораст на барањата за азил за речиси 80 отсто.

Други земји од Централна и Источна Европа, исто така, воспоставија контроли на внатрешните граници во зоната која обично се смета за отворена за патување во рамките на ЕУ.

На самитот во Гранада, европските лидери ќе разговараат и за стратешкиот пат на ЕУ по години обележани со кризи од пандемијата на коронавирус до руската војна во Украина и енергетската нестабилност, како и економските прашања.

Лидерите ќе разговараат за неопходноста од промени во блокот за да се олесни новото проширување. „Иднината на земјите-членки кои се стремат да се приклучат и на нивните граѓани е во Европската унија“, се наведува во нацртот на заедничката декларација.

„Проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот… и ЕУ и идните земји-членки мора да се подготват за тоа“, се додава во нацртот.

Според АП, лидерите ќе разговараат на темата за проширување, а на самитот, покрај Украина, се поканети и лидерите од Балканот и Молдавија, кои претендираат за членство.

Претходно, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ја наведе 2030 година како можен датум за прием на нови членки.

06.10.2023 - 09:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега