„Македонскиот јазик – 80 години од кодификацијата“

 

Во организација на  Катедрата за македонски јазик и Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска и утре ќе се одржи Меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик – 80 години од кодификацијата“.

- Шеесет научници, македонисти и слависти, од земјава и од странство заеднички ќе ја чествуваат 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик.Развојот на македонскиот јазик, книжевност и култура, современите состојби во македонистиката, современите лингвистички и книжевни теории, македонскиот јазик и книжевност во наставата, како и книжевниот превод се само дел од најавените тематски подрачја на новите научни трудови што ќе бидат презентирани на Конференцијата во чијшто научен одбор членуваат триесет истражувачи од осум држави, најави организацискиот одбор на Конференцијата.

Во рамки на Конференцијата ќе се одржи и научниот собир „Млади македонисти“ на којшто традиционално учествуваат истражувачи од земјата и од странство до 35-годишна возраст.

По свеченото отворање на Конференцијата во 9 часот, со програмата е предвидена пленарна сесија со учество на реномирани универзитетски професори од земјата и од странство, коишто повеќе децении наназад се посветени на македонистиката. Потоа, во осум сесии, со паралелна работа на секции за јазик и за книжевност и култура, во текот на двата конференциски дена ќе се водат дискусии за повеќе клучни и актуелни прашања во македонистиката, при што ќе бидат презентирани нови научни согледби и ќе се согледаат предизвици и за натамошни истражувања.

Во текот на вториот конференцски ден, организаторот најавува дека одделно внимание ќе заслужува научниот собир „Млади македонисти“, имајќи предвид дека на него ќе настапат претставници на новите генерации посветеници на македонистиката од коишто може да се очекува да го движат развојот на македнската лингвистика и македонската книжевна наука во децениите пред нас. Завршната дискусија и затворањето на Конференцијата се закажани за утре во 15:30 часот, по завршување на дискусиите на одделните секции за јазик и за книжевност и култура.

06.05.2025 - 08:02

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега