Максим Димитриевски: Имам намера заедно со мои истомисленици да формираме политичко движење кое ќе победи на следните парламентарни избори

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во емисијата „Студио 10“ на телевизија 24 информираше дека има намера заедно со неговите истомисленици да формираат политичко движење со кое ќе настапат на следните парламентарни избори во земјава. Тој истакна дека од политичката партија СДСМ сè уште не знаат дали тој е нивен член или не е.

„Сè уште официјално сум член, иако тие самите не знаат дали сум член илине сум член. Еден ден велат ќе се врати, другиот ден велат избркан е. Еден ден ме повикуваат, вториот ден се откажуваат од мене, ме критикуваат, организираат протести итн. Една политика локално раководство, друга политика централно раководство, трета политика лидерот итн. Раштиман оркестар. Немам намера да се вратам во СДСМ, затоа
што имам намера заедно со мои истомисленици да формираме едно политичко движење на граѓаните во Македонија коешто на следните парламентарни избори ќе победи на најдемократски начин. Зошто? Затоа што сметам дека е општа катарза во општеството и сето она што се нуди на политичката подлога, на политичката понуда во моментов во државата е премногу слаба да се носи со сите овие моментални предизвици коишто ги има државата. Кој командува со партијата? Командува за жал политбирото против којшто сите се боревме, а не командуваат официјалните органи и тела на партијата. Зошто францускиот предлог пред да се произнесе било кој во јавноста не е ставен официјално на разгледување на органи и тела на владејачките политички партии, вклучувајќи го СДСМ. Зошто не изгради членството преку своите делегатски системи, преку централните, извршните одбори со одредени ставови?“, рече Димитриевски и додаде дека граѓаните треба да се пробудат и да влезат во процесот којшто значи да се борат самите за себеси.

Димитриевски истакна дека секојдневно доаѓаат кај него многу граѓани од различен профил истомисленици, за што им благодари многу и го почитува тоа што всушност претставува дополнително охрабрување, кои што велат „ајде да се одважиме и да излеземе заедно и да направиме нешто за државата“.

„Ние мораме да бидеме искрени со граѓаните. Мораме на граѓаните да им ја кажеме вистината и да им ги кажеме очекувањата кои што се. Не можеме на граѓаните да им креираме лажна вистина и да им ветуваме празни ветувања. Дополнително финансиски државата да ја консолидираме, да престанеме со мито, корупција и грабеж кој што во континуитет се случува, да го собереме тој скромен капитал којшто го поседуваме како држава, да го свртиме, да направиме дополнителна вредност, да го качиме БДП, да помогнеме на стопанството и да тргнеме сами со сопствени сили напред, а сето она што ни доаѓа од надвор да биде нашата дополнителна вредност“,
посочи Димитриевски.

22.06.2022 - 12:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега