Маричиќ: Би презел било која должност која би ми ја понудил новиот мандатар Ковачевски

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски денеска од претседателот Стево Пендаровски ќе го добие мандатор за состав на новата влада. Министерот за правда Бојан Маричиќ можно е да добие функција во новата влада на мандатарот Ковачевски, без разлика дали е во ресорот правда или во надворешната политика.

-Ковачевски денеска ќе го добие мандатот за состав на новата влада. Јас сум на располагање и сум подготвен. Би презел било која должност која би ми ја понудил новиот мандатар, рече Маричиќ во студиото на Утрински брифинг.

Тој се осврна и на седницата на ЦО на СДСМ каде се слушнале и критики на сметка на раководството на партијата.

-Седницата траеше долго, имаше многу содржинска дискусија. Сите во СДСМ имаат капацитет и сите сме имале квалитетни дискусии и сум учествувал во нив. Има извесно освежување во раководството, мешавина на нови луѓе кои дотогаш не биле во тие води и оние што претходно биле на раководни функции во партијата. Ковачевски покажа умешност да ги спои различните луѓе, шареноликоста на СДСМ да ја спои во овој врв. Јас сум оптимист сум и убеден сум дека Ковачевски ќе има успех зотоа што начинот на кој ги повикува луѓето, начинот на кој комуницира со нив и агендата или програмата околу која се обединува не е персонализирана, туку повеќе е програмска и се темели на програмите и задачите и проблемите кои треба да ги решиме, рече Маричиќ.

Во однос на проценката дека владата на Ковачевски нема да опстои ниту шест месеци и дека наредната година ќе има предвремени избори, тој рече:

-Владата на Заев од првата во 2017 никогаш не добила 100 дена, а камоли 6 месеци. Сега сме уште во пандемија, во економска и енергетска криза и во проблем со Бугарија, откочување на нашите евроинтеграции, но мислам дека овој обновен тим на полувремето од овој мандат може да направи многу, рече Маричиќ додавајќи на крајот од раговорот дека не е ничиј пион во политиката.

 

29.12.2021 - 11:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега