Маричиќ: Судството нема да биде поштедено од дигитализација, опремуваме 200 судници

Двесте судници и 34 судови ширум земјава ќе се дигитализираат, најави министерот за правда Бојан Маричиќ, со што граѓаните би добиле побрзи и поевтини судски постапки. Тој вели дека преку дигитализацијата судењата на далечина или онлајн судењата за 60% ќе ја зголемат ефикасноста и транспарентноста, а дополнително, на овој начин ќе се намалат трошоците за граѓаните.

- Дигитализацијата, за жал во некои сегменти од општеството наидува на отпор, но ќе се сложиме дека отпор кон модернизација не треба да има. Таа ќе се случи, порано или подоцна во сите сегменти на живеењето. Судството секако нема да биде „поштедено“, порача Маричиќ на својот фејсбук профил.

Поради корона пандемијата, првото онлајн судење во Македонија го спроведе судот во Кавадарци и притоа ниту една од странките во спорот, меѓу кои и обвинителот, не присуствуваше физички во зградата на судот.

- Обвинителството има опрема со која би можело да се вклучи во онлајн судска постапка, доколку има потреба. Ова беше потврдено и на првото онлајн судење во Основниот суд во Кавадарци, каде ОЈО-Кавадарци веќе застапуваше поднесено обвинение, информираа за дел од медиумите од Обвинителството.

Сепак и од Обвинителството, но и челниците во судовите повикаа на измени на Законот за кривична постапка и оној за парнична постапка, пред и официјално да започне да се користи онлајн судењето во земјава, а од Министерството за правда најавија дека тоа е нареден чекор во процесот. Одлуката за дигитализација ја поздравија и адвокатите.

- Со ваквото осовременување би се поедноставил начинот на кој, на пример, граѓаните би се здобиле со документи и уверенија што ги издава судот, а притоа од финансиски аспект ова би претпоставило и значително олеснување во остварување на нивните права и пристап до услуги, изјави неодамна Натали Петровска, претседателката на Коалиција „Сите за правично судење“.

14.06.2021 - 11:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега