Маркоска: Македонската економија е стабилна и се движи во добар правец

Македонската економија е стабилна, поставена на добри основи и се движи во добар правец, оцени денеска Даниела Маркоска, пратеничка на СДСМ.

Како што кажа таа, бројни економски параметри покажуваат дека се надминати последиците од коронакризата, а економијата е подготвена за справување со претстојните предизвици.

„Според официјалните податоци, државата во текот на 2021 година извршила поврат на ДДВ кон стопанството од 488 милиони евра што е за 22,8 % повеќе во однос на 2020 година, односно 20,8 % повеќе споредено со 2019 година. Тоа значи дека економијата е ликвидна, а прометот зголемен“, посочи Маркоска.

Според неа, растот на бруто домашниот производ, растот на индустриското производство и растот на просечната плата се сигурен показател дека економскиот раст ќе продолжи и во оваа 2022 година.

„Растот на економијата за 2022 година е проектиран на 4,6 отсто, додека растот на капиталните инвестиции ќе биде повисок за 27 отсто во однос на претходната година. Истовремено, ќе продолжи растот на минималната плата што со себе ќе донесе и пораст на просечната плата“, посочи претставничката на СДСМ додавајќи дека тоа значи побрз економски раст, повеќе пари кај граѓаните и заштита и унапредување на животниот стандард.

09.01.2022 - 12:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега