Меџити ја претстави визијата за високото образование во Чаир
Првиот вицепремиер и кандидат на ВЛЕН за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска ја претстави својата визија за високото образование, потенцирајќи го најголемиот инвестициски проект во оваа област – новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во вредност од над 35 милиони евра, се наведува во соопштението од Вреди.
„Денес не зборуваме само за згради и инфраструктура, туку за инвестиција во нашата иднина – во младите, професорите, научниците и генерациите кои ќе ја градат оваа држава. Универзитетот ‘Мајка Тереза’ е институција со
национално значење, но и со регионална и европска улога“, нагласи Меџити.
Тој подвлече дека Чаир веќе се има трансформирано во центар на високото образование за Албанците во главниот град, каде што гравитираат четири универзитети, стотици професори и илјадници студенти. Со новиот кампус, според него, се отвора ново поглавје на академскиот и културниот развој.
„Резултатите зборуваат сами за себе. Денес нашите млади повеќе немаат потреба да заминуваат надвор од државата за знаење – тоа го имаат овде, на мајчин јазик. Ова е и одговор на најголемиот предизвик – емиграцијата: со градење квалитетни универзитети, младите остануваат овде“, рече Меџити.
Во неговата визија, новиот кампус ќе стане центар на иновации, научно-истражувачка работа и меѓународна соработка, со конкурентни програми на европско ниво, двојни дипломи и заеднички проекти со
престижни универзитети.
„Оваа инвестиција треба да се третира како стратешка, еднакво важна како енергетиката или здравството. Меѓународните партнери исто така имаат улога – да го поддржат модернизирањето и интернационализацијата на овој
универзитет,“ додаде тој.
Во пресрет на 10-годишнината од основањето на Универзитетот „Мајка Тереза“, Меџити изрази длабока благодарност до професорите, академиците, институциите и граѓаните кои го поддржале проектот.
„Образованието на албански јазик не е луксуз, туку право и реалност. Овој кампус ќе биде место каде што не само што се учи – туку и се создава иднината“, заклучи Меџити.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа