Мицевски: Начинот на избор на уставни судии, Уставниот суд го прават неуставен
Начинот на избор на уставни судии, Уставниот суд го прават неуставен, изјави денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на прес-конференција во Собранието, најавувајќи дека претседателката на собраниската Комисија за избори и именувања ќе добие најмалку интерпелација за кршење на Деловникот и начинот на работа.
ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Мицевски ќе бара точката за избор на уставни судии да биде тргната од дневен ред на денешната собраниска седница, посочувајќи дека тоа се прави неделовнички и неуставно и дека предлогот е за избор на тројца уставни судии и самиот предлог на крај мора да се гласа во целина за тројцата.
Изборот на уставни судии, Мицевски посочи дека е почнат во јуни 2021 година и по едно или две продолженија од минатата година 11 или 12 месеци не се закажа Комисија за избор на уставни судии.
– Не е проблем на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група што некој 11 или 12 месеци не работел по таа седница. Дополнително самата точка е одлука за избор на три уставни судии. Ние имаме девет предлози, дел од тие се разгледани и за дел од нив е гласано, меѓутоа предлогот на крај во целина се гласа и таквиот извештај се доставува до Собрание. Вака поделено, ниту е завршена работата, ниту може да дојде во оваа ситуација, изјави Мицевски.
Овој пратенички состав, според Мицевски може да го фрли и Етичкиот кодекс и Деловникот за работа на собранието.
– Завршено е и со Деловникот и со Етичкиот кодекс ако помине ваквиот избор на уставни судии, изјави Мицевски.
Во однос на ставот на власта дека процедурите не се прекршуваат, Мицевски рече одлуката е за избро на тројца уставни судии и вака се ускратува правото за гласање за предлогот.
– Еве хипотетички, ако власта вели дека може така, зошто веднаш по изборот на првиот судија не го пуштија на Собрание како точка на дневен ред и да го избереме. Изборот на првиот предлог беше пред четири или пет месеци. Зошто не го пуштија тој извештај, порача Мицевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа