Мицкоски: Бугарија сè уште го нема европеизирано нивното барање

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и уште некои слободоумни пратеници во Парламентот се браникот на македонскиот идентитет. Промената на Уставот гарантирам дека нема да се случи. Гаранција за тоа е зборот на 44 пратеници од Коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и останатите слободоумни пратеници, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на општина Бутел, рече дека фокусот на најавениот референдум ќе биде членот 5, алинеја 4 од Преговарачката рамка, каде што е вметнат протоколот и билатералниот договор, каде ќе треба да одлучат граѓаните дали прифаќаат ваква Преговарачка рамка.

– Ние зборуваме за преговарачката рамка, зошто таа е суштината. Сега нема ништо Бугарија. Таа е повторно изолирана во нејзината намера да се фокусира на протокол и билатерален договор. Бугарија сè уште го нема европеизирано нивното барање и тоа ги прави нервозни, изјави Мицкоски.

Според Мицкоски, добро е што „нема промена на Уставот“, бидејќи, како што рече, ако имаше тие ќе ја усвоеја преговарачката рамка и тогаш ќе беше мат за македонскиот идентитет.

– Ковачевски, Маричиќ, Османи… можат да се обидуваат се да прават, но во суштина народот и пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да им дозволат докрај тоа да го спроведат, изјави Мицкоски.

20.07.2022 - 14:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега