Мицкоски најави законски измени: Подметнувањето пожар ќе биде квалификувано како тероризам
Подметнувањето пожари ќе биде квалификувано како дело на тероризам, а одлагањето смет кадешто не му е местото ќе се казнува со затворска казна од пет години.
Премиерот Христијан Мицкоски најави законски измени, за што и веќе разговарал со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ги забележал депониите покрај Вардар кај Сиричино кога доаѓал кон Јегуновце, премиерот рече дека секој што ќе биде фатен на дело, ќе биде најстрого казнет.
„Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ итно да имаме измени во законите, со кои подметнување пожар ќе биде квалификувано како дело на тероризам, а одлагање смет онаму каде што не му е местото, ќе биде друго кривично дело, кое ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години“, рече премиерот Мицкоски.
Освен законските измени, премиерот рече дека вчера Министерството за животна средина испратило дописи до сите општини да ги расчистат дивите депонии и сметот да се одложи таму каде што му е местото.
„Јас ги повикувам и несовесните граѓани што ги формираат овие диви депонии да не го прават тоа затоа што сите оние што ќе бидат фатени ќе бидат најстрого казнети“, повика премиерот Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа