Мицкоски: Очекувам Спасовски да сноси одговорност за хаосот што го предизвика

Очекувам дека Оливер Спасовски ќе сноси одговорност за тоа што го има направено како надлежен ресорен министер во МВР, дали тоа ќе биде како резултат на оваа кривична пријава сега или на некоја кривична пријава или кривични пријави набрзо од денес, тоа ќе видиме. Немам голема доверба во октроираното обвинителство и судство, но да видиме, вели Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата Клик Плус на ТВ 21.

На прашањето дека денеска е избран нов јавен обвинител, Мицкоски истакна дека тој е изгласан од сегашното владејачко мнозинство, но преку  поднесената кривичната пријава за Оливер Спасовски треба новиот јавен обвинител да покаже дали ќе продолжи да биде слеп послушник на политиките на раководството на СДСМ и ДУИ, или ќе се одважи.

Па нов обвинител кое што старото мнозинство си го избра. Од тоа што можам да видам гледам дека бил прилично лојален изминатиот период на ова старо мнозинство кое ќе биде за неколку месеци. Но, ајде да дадеме шанса па да видиме дали ќе продолжи трендот на неговиот претходник да биде безгласна буква и слеп послушник на политиките на раководството на СДСМ и ДУИ, или ќе се одважи. И еве му шанса сега преку ова кривична пријава за Оливер Спасовски да покаже дека во Македонија можат да владеат законите и дека може да се врати вербата и довербата во институциите, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема вина за хаосот со патните документи, бидејќи и покрај активната блокада од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, владејачкото мнозинство поминале многу закони со злоупотреба на европското знаменце, при што доколку сакале ќе ги изгласаа и измените во законите за лични документи.

Не би се сложил дека активната блокада е пречка доколку некој сакаше тоа да го направи, бидејќи тие поминаа многу закони во парламентот на брза трака со злоупотреба на европското знаменце. Така што доколку сакаа или пак ако некој мислеше и имаше стратешка цел тоа да се случи тоа и ќе го направеа. Но, тие за жал тоа не го направија. Не поради тоа што покажуваа пркос, туку едноставно затоа што беа зафатени со пљачкање и разграбување на државата. И нормално фокусот беше ВМРО-ДПМНЕ и јас изминатите години, наместо да си ја работат работата за тоа за кое што се платени и надлежни. Така што доколку таму постоеше искрена желба кај овие европејци, тогаш наместо да се однесуваат како мафијаши во крими филмовите, тие можеа да си ја завршат работата за која што се платени, смета тој.

15.02.2024 - 22:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега