Мицкоски за Сител: Тоа што го нудиме во програмата ќе го испорачаме бидејќи имаме јасна методологија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Сител на последниот ден од предизборната кампања рече дека успеале да допрат неопределените и незадоволните од останатите политички партии.

-Ценам дека понудата која што ВМРО-ДПМНЕ ја напиша на оние 360 страници допре до огромен број наши сограѓани и тоа од различна етничка припадност, рече Мицкоски, додавајќи дека на мини-митинзите имало граѓано од сите етникуми.

Вели дека ВМРО-ДПМНЕ нуди 1.000 решенија за 1.000 проблеми, но ветува само она што може да го испорача.

-Граѓаните се заморени од неисполнети ветувања и нереализирани очекувања. Затоа тоа што го нудиме таму имаме намера сериозно да го испорачаме бидејќи имаме детерминирано јасна методологија. Главно се содржи во три столба. Првиот дел се разбира е економскиот развој, вториот столб е правото и правната држава, и третиот е интензивна, брза и робусна интеграција во Европската унија. Ние чуда не ветуваме, чуда се невозможни, а ние не сме волшебници. Практично сѐ она што е содржано имаме намера да го испорачаме и ќе го испорачаме, рече Мицкоски.

Во однос на тоа како помина политичката кампања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека партијата се обидела таа да биде колку што е можно пофер, и смета оти успеале во тоа.

-Ценам дека програмата во таа 360 страници е содржајна. За разлика од нас, нашиот политички противник излезе со програма пишувана од едно лице со кое што јас разговорам на еден нелегално стекнат материјал. Гледам и една група, Независната пратеничка група која произлезе од ВМРО-ДПМНЕ и која го снимала нашиот разговор и таму апсолутно нема ништо кое што јас го немам кажано во јавност, исто така, и нив им го пренесов. Така што, нашата програма ја создаваа академици, професори и експерте од земјава и странство, програмата на нашиот политички противник е создадена од она лице со кое што разговарам и овие осутемина пратеници од Независната пратеничка група. Навистина не можам да се изначудам на кое ниво се доведе СДСМ на овие избори, рече Мицкоски.

Вели дека не очекува т.н. „бомби“ да бидат пресудни кај граѓаните кога ќе го даваат својот глас, бидејќи сѐ она што е објавено на платформата Јутјуб, тој веќе го кажал јавно. Појасни дека веќе и јавно кажал оти е против текстот на Законот за јавното обвинителство и преносот на предметите на сега веќе расформираното, како што го нарече, корумпирано Специјално јавно обвинителство.

-Она што го видовме и слушнавме за нашиот политички противник е сериозно проблематично и има сериозни индиции за криминал кој што независните обвинители по 15 јули, кога ќе го ослободиме Обвинителството ќе може подетално да се позанимаваат, рече Мицкоски.

Рече дека на изборниот ден излезноста ќе биде многу поголема од она што се очекуваше на почетокот на кампањата.  

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.07.2020 - 20:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега