Милановиќ пречекан во вила „Водно“ - Со Сиљановска го потврдиле силното пријателство

 

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ пристигна во земјава. На скопскиот аеродром беше пречекан од шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски. 

- Во официјална работна посета на нашата држава, денеска престојува претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ. Во рамки на посетата, предвидени се повеќе активности и средби на високо ниво. Во фокусот на разговорите ќе бидат билатералните односи меѓу двете држави, како и можностите за нивно понатамошно унапредување во духот на пријателство и соработка. Посетата на хрватскиот претседател претставува потврда за традиционално пријателските и партнерски односи, кои се развиваат без отворени прашања – како на билатерално, така и на мултилатерално ниво, напиша Муцунски на „Фејсбук“.

Хрватскиот претседател беше пречекан и со највисоки државни и воени почести во претседателската вила „Водно“ каде имаше средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со која во секој момент се очекува да одржат заедничка прес-конференција.

Во фокусот на разговорите на двајцата претседатели биле билатералните односи, процесот на нашата европска интеграција низ призма на меѓународниот поредок, ЕУ амбиентот, како и регионалните предизвици.   

- Обете страни искажаа задоволство од конструктивната соработка во повеќе области и го потврдија многу пати докажаното силно пријателство, засновано на меѓусебното разбирање, почит и подршка. Водени од актуелните состојби на европскиот континент, но и пошироко, соговорниците укажаа на важноста на усогласениот регионален пристап за справување со безбедносните предизвици, информираа од Кабинетот на претседателката.

Сиљановска-Давкова изразила благодарност за цврстата и континуирана поддршка на Хрватска за македонското членство во ЕУ и подготвеност за проширување и продлабочување на соработката во различни сфери од интерес на двете држави. 

07.05.2025 - 11:20

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега