Милошоски: Имаме цел да формираме влада без ДУИ, нема место за Џафери и Груби
Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во вечерашното гостување на Сител ТВ додаде дека политичка цел на ВМРО-ДПМНЕ е да има сериозна граѓанска изборна поддршка за да може да биде независна и да формира Влада без ДУИ.
„И затоа сметам дека ликови како Талат Џафери, Рамиз Мерко, Артан Груби и други не би имале место во било каква Влада“, нагласи Милошоски.
„Се гледа дека и во пратеничката група на ДУИ има поединци на кои што им е јасно дека смената на власта доаѓа, а дека времето на Артан Груби и на Рамиз Мерко поминува“, укажа тој.
Тој во текот на своето гостување исто така рече дека секој странски дипломат во принцип е должен да ја почитува изборната волја на народот.
„Нашата порака е следна, прво дека секој странски дипломат во принцип е должен да ја почитува изборната волја на народот. Во Македонија очекуваме таа изборна волја да донесе до демократска смена на власта. И после демократската смена на власта очекуваме поддршка од сите земји со кои што имаме плодна соработка вклучително и САД, Германија, Италија, Словенија, Хрватска, Србија и многу други“, рече тој.
Милошоски додаде дека поради неспособноста на СДС и ДУИ Македонија се соочува со многу проблеми на правосудно ниво, во владеење на право, во образование, во здравството, висока корупција итн.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа