Милошоски: Владата се плаши да отвори истрага против Мерко, Јанева и другите меѓународни пријатели


Владата на ДУИ и СДСМ се плаши да ги искористи законските основи за меѓународна кривична соработка со САД и да отвори истраги против Рамиз Мерко, Катица Јанева и другите владини пријатели, кои се дел од црната листа на официјален Вашингтон, реагира на социјaлните мрежи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

Потсетува дека Македонија веќе има усвоено Закон за меѓународна соработка во кривичната материја.

Во овој закон, како што појаснува, предвидена е можноста домашен надлежен орган (Министерството за правда или Јавното обвинителство) да испрати замолница за соработка во кривичната материја до надлежна институција на странска држава (чл.16).

„Со замолницата, која се доставува преку министерството за правда, од странската надлежна институција се бара достава на списи, информации и материјални докази за одредена предистрага, истрага или тековен судски предмет за физичко и/или правно лице. Овој закон (чл.35) овозможува и формирање на заеднички истражни тимови за истражување и гонење на кривични дела, а договорот за заеднички истражен тим го склучува државниот обвинител на Македонија. Во чл.39 од Законот за меѓународна кривична соработка дури е предвидено и секое истражно дејствие што го превземал надлежен орган на странската држава да биде изедначено со соодветно дејствие во кривичната постапка пред домашните институции.

Сумарно: Владата, министерот за правда и ЈО, доколу имаат политичка воља за сериозна борба против корупцијата, имаат важечки законски основ без одолговлекување преку Министерството за правда веднаш да испратат замолница до надлежните органи на САД за достава на сите документи, списи, докази и информации за Рамиз Мерко, Катица Јанева, Стевчо Јакимовски и другите лица на “црната листа”.
Државниот јавен обвинител може веднаш да оформи заеднички македонско-американски истражен тим и да поведе самостојна или заедничка истражна постапка и да оформи/ да процесуира кривично-правни предмети пред надлежните институции во Македонија“, истакнува во напишаното Милошоски.

Според него, овој закон добро е да се надгради и синхронизира со дополнителен закон за рестриктивни мерки, за што претставниците на стручната фела ценат дека е потребна квалитетна јавна расправа.

Оценува дека Собранието треба да биде организатор и домаќин на една таква јавна расправа, на која главниот збор ќе го имаат претставниците на судската фела, претставници на Обвинителството, адвокати и професори по кривично право. На ваквата јавна расправа, како што додава, многу ќе користи и присуството на експерти за рестрикции и санкции од САД и ЕУ за да имаме одржливо унапредување на позитивните норми во оваа регулирана област за меѓународна соработка во кривичната материја.

19.03.2024 - 13:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега