Мисајловски: Одговорност за пожарот во Тетово мора да има - народот очекува оставка од Филипче и Заев
Искажуваме најдлабоко сочувство кон семејствата на вчера настраданите наши сограѓани во пожарот во болницата во Тетово. Нема доволно зборови за утеха за оние кои ги изгубија најблиските. Нека Господ биде со нив, им дава сила да ги поминат овие најстрашни моменти. Глетката од Тетово е жална и трагична. Ужасна трагедија, истакна на денешната прес конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
Изрази благодарност и до пожарникарите од Тетово и до медицинскиот персонал од болницата во Тетово, кои први се најдоа на местото, како и на граѓаните од Тетово кои даваа прва помош за санирање на и онака ужасните последици од овој настан.
„Животите на луѓето се најскапиот дар, тие не смеат да завршат така како што завршија на повеќе наши сограѓани во Тетово. Барајќи здравје од државата, наши сограѓани, на општа жал, најдоа ужасна смрт. Државата, преку својот здравствен систем, од моментот на прием на пациентите во болница е одговорна за нивните животи. Ниту еден живот не смее да згасне поради нестручност, некадарност и неодговорност при менаџирање со здравствениот систем. ВМРО-ДПМНЕ ќе се воздржи од тешки зборови во овие денови за неспособноста на оваа Влада. Не сакаме да внесуваме политика во најтрагичниот момент од животите за многу наши луѓе и сограѓани од Тетово и тетовско. Но за почеток, денес и без одложување мора да има функционална и морална одговорност, народот очекува неотповиклива оставка од Венко Филипче и Зоран Заев“, потенцира Мисајловски.
Оставка, бидејќи како што наведе, народот не верува во институциите управувани од оваа власт, двајцата ќе бидат и објективна пречка за транспарентна и неутрална истрага која мора да ја има.
Народот, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, бара извештај кој ќе е веродостоен, точен и прецизен. Народот очекува одговор каде е причината и одговорноста без влијание на моќ која што во моментот ја поседуваат Венко Филипче и Зоран Заев, порача Мисајловски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа