На Германија ќе и фалат преку 700.000 работници - ова се најбараните професии

 

На Германија ѝ се заканува сериозен недостиг на квалификувана работна сила во следните години – особено во сектори како продажба, образование, социјална заштита и здравство. Според нова студија на Институтот за германска економија (IW), до 2028 година бројот на непополнети работни места ќе достигне дури 768.000, што е зголемување за над 280.000 во споредба со 2023 година, кога биле регистрирани 487.000 празни позиции.

Како клучна причина за овој тренд се наведува демографската криза, односно пензионирањето на голем број вработени во следните неколку години. „Многу луѓе ќе се пензионираат, а нема доволно млади кадри што ќе ги заменат“, вели авторот на студијата, Јурек Тиедеман.

  • Продавачи – се очекува бројот на непополнети работни места да порасне од 12.900 на 40.470

  • Едукатори и воспитувачи – ќе недостасуваат околу 30.800

  • Социјални работници и педагози – повеќе од 21.150

  • Медицински сестри и негуватели – ќе има недостиг од околу 21.350

И покрај предвидениот раст на вработувања – на пример, кај едукаторите со 143.400 нови вработувања до 2028 – IW предупредува дека тоа нема да биде доволно за да се задоволи побарувачката.

Дополнителен пораст на побарувачката се очекува во ИТ-секторот, со раст од 26%, што се должи на забрзаната дигитализација во јавниот и приватниот сектор.

Од друга страна, некои индустрии ќе забележат значителен пад на вработеноста:

  • Металуршката индустрија – се очекува намалување од 161.200 работници

  • Банкарскиот сектор – ќе изгуби околу 56.300 работни места поради автоматизација и затворање на шалтери

Анализата на Институтот се базира на податоци од 2023 година и ги следи трендовите за 1.300 различни занимања.

15.07.2025 - 11:24

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега