НАТО ги осуди нападите врз КФОР: Насилството во Косово мора веднаш да престане

НАТО вечерва соопшти дека најостро ги осудува неиспровоцираните и целосно неприфатливи напади врз војниците на мисијата на КФОР во северниот дел на Косово и ги повика сите страни да се воздржат од потези кои ги зголемуваат тензиите.

Портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску, во писмена изјава нагласи дека во тие напади се повредени повеќе војници на КФОР и дека насилството „мора веднаш да престане“.

„Ги повикуваме сите страни да се воздржат од потези кои дополнително ги разгоруваат тензиите и да се вклучат во дијалог. Кфор ќе ги преземе сите неопходни активности за одржување на сигурна и безбедна средина и продолжува да дејствува непристрасно, согласно мандатот добиен врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година“, додаде Лунгеску.

Шефот на канцеларијата на ЕУ во Косово, Томаш Шуњог, остро ги осуди денешните насилни акции на демонстрантите во Звечан врз војниците на КФОР и повторно повика на намалување на тензиите.

„ЕУ во Косово силно ги осудува насилните акции на демонстрантите денеска во Звечан, вклучително и употребата на експлозиви против мировниците на КФОР“, напиша Шуњог на Твитер.

Тој додаде дека ЕУ го повторува повикот за итен прекин на насилството и намалување на тензиите.

29.05.2023 - 23:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега