Недоверба, оставка или останување на позицијата - кои опции му стојат на располагање на Заев до четврток?

Во пресрет на седницата за гласање на доверба на Владата, согласно Уставот и собранискиот Деловник, во игра се неколку можни епилози 

НЕДОВЕРБА НА ВЛАДАТА
Ова е најпосакуваното сценарио за опозицијата. Потребна е поддршка од 61 пратеник во Собранието. Доколку опозицијата ја обезбеди, тогаш премиерот Заев е должен во рок од 24 часа до Претседателот на Собранието да ја достави својата оставка, по што, тој го информира Претседателот Пендаровски кој има уставен рок од 10 дена во кој треба да го додели мандатот на оној мандатар кој ќе обезбеди мнозинство во Собранието. Со падот на Заев паѓа и целиот негов кабинет. Со тоа практично почнува истата процедура за избор на нова влада како и по секои избори.
По вакво сценарио, новото мнозинство во Собранието има на располагање неколку чекори кои може да ги направи.
Првиот е да се обиде да формира нова Влада. За тоа ќе треба потпис од 61 пратеник по што Пендаровски ќе треба да го додели мандатот во случајов на Христијан Мицкоски кој ќе треба да формира нова Влада во рок од 20 дена и да му ја претстави на Собранието за гласање.
Вториот чекор кој стои на располагање во ваков случај е Собранието да донесе одлука за самораспуштање и да се оди на предвремени парламентарни избори. Оние остатоци од пржинскиот модел тука создаваат серија правни нелогичности но ако се почитува Уставот, технички можно е Собранието веднаш да се распушти и да се премине кон организација на предвремени парламентарни избори кои во такви услови би можеле да се одржат некаде кон крајот на оваа или почетокот на наредната година.
Ако се премине кон формирање на техничка Влада на 100 дена пред изборите, изборите би се одржале некаде на крајот на февруари или почетокот на март.

ДОВЕРБА НА ВЛАДАТА
Ова е најпосакувано сценарио за власта. Доколку опозицијата не успее да обезбеди мнозинство од 61 пратеник, Владата на премиерот Заев останува на својата позиција. Тогаш, пратениците нема да имаат можност повторно да покренат вакво прашање во наредните 90 дена. Ситуацијата продолжува по старо, со таа разлика што сега, ако ситуацијата остане каква што е во моментов, а тоа е 60 пратеници кои ја поддржуваат Владата, тоа практично ќе значи дека мнозинството на СДСМ нема да има полна моќ за одлучување во Собранието. Евентуална оставка на некој министер ќе значи дека нема да има мнозинство од 61 пратеник за да биде избран нов. Ваков модел на владеење не е некоја новост на политичката сцена во развиените западни држави, бидејќи постои правилото, дека на власт си се додека некој нема мнозинство за да те смени, а во ситуација 60:60 никој не го контролира мнозинството

ОСТАВКА НА ПРЕМИЕРОТ
Постои можност и воопшто да не се одржи седницата закажана за во четврток. За тоа да се случи, потребно е премиерот Заев да ја поднесе својата оставка пред нејзиниот почеток или за време на усвојувањето на дневниот ред. Во тој случај, седницата се прекинува и почнува постапката за избор на нова влада.  Но тоа е прилично рискантен чекор за актуелната власт, се разбира, доколку претходно н е убедена дека има поддршка од најмалку 61 пратеник.
Доколку СДСМ остане со поддршка од 60 пратеници, која не е доволна за да се сруши Владата но истовремено не е доволна и за да се формира нова, тогаш оставката на Премиерот би создала политички вакум за кој ќе биде потребно дополнително време да се надмине.
За овој чекор вечерва ќе се одлучува на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ.

ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВАТА
Постои деловничка можност предлагачите на иницијативата да ја повлечат пред почетокот на седницата. Во тој случај воопшто нема да има седница и довербата на Владата нема да биде тестирана. Но овој чекор е малку веројатен имајќи предвид дека и во ситуација да нема доволно мнозинство за недоверба на владата (каков што е епилогот на 90% од ваквите седници) опозицијата редовно сака да го искористи медиумскиот простор за да упати критики кон власта и веројатно тоа би се случило и во четврток.

09.11.2021 - 14:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега