Независните не им веруваат на партиите - ќе собираат потписи и не сакаат решенија во „5 до 12“
Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ продолжува со собирање потписи за основање политичка платформа Независни заедно и покрај тоа што Државната изборна комисија (ДИК) вчера донесе правилник со кој се овозможува независните да учествуваат на локалните избори со собрани два граѓански потписи.
„Да, го намалија прагот за учество на изборите, но еве зошто ќе продолжиме да собираме потписи за основање политичката платформа Независни заедно. Овој правилник ќе важи само за овие избори. Не сакаме повеќе неизвесност ’пет до дванаесет’“, се вели во објавата на „Шанса за Центар“ на нивната фејсбук-страница.
Оттаму велат дека ќе продолжи примената на членот од законот според кој независните групи ќе бидат претставени само со имињата на носителите на листите, наместо со називот на групата, односно ќе стои „група избирачи“ и името и презимето на носителот на листата.
Ова, според нив, отвора можност да се појават слични имиња со цел да се создаде забуна кај гласачите. Како пример посочуваат Билјана Ивановска и Билјана Ивановска, што, како што велат, веќе се случувало на претходни избори.
„Постои можност наместо јасна листа за гласање, да добиеме тетратка со голем број имиња, каде што партиите ќе бидат најгоре, а под нив ќе следуваат долги списоци со имиња“, додаваат од Иницијативата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа