Николоски: Со потпишаниот Протокол, промената на историјата и учебниците по бугарски терк стануваат услов за напредок на Македонија кон ЕУ

Паднаа маските, се потврдија лагите! Ни 24 часа не издржа лагата на Владата на СДСМ и ДУИ дека билатералните спорови со Бугарија нема да се услов за напредок кон ЕУ. Ни 24 часа не издржаа. Денес се потпиша Протоколот со кој што Македонија нема да преговара со ЕУ за својот напредок туку ќе преговара со Бугарија за својата историја. Вака го коментира Александар Николоски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Протоколот кој денеска беше потпишан во Бугарија.

„Денес во Софија е потпишан Протокол кој ќе биде дел од Преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија.

Со Протоколот на кој што стои потписот на македонското МНР, промената на историјата и промената на учебниците по бугарски терк стануваат услов за напредок на Македонија кон ЕУ. Оваа предавничка влада направи и се согласи за промена на историјата, и промена на учебниците поточно за отворена бугаризација како услов за напредок во европските интеграциите. И тоа јасно кажано денес, затоа што јасно беше кажано во Софија дека Протоколот станува дел од преговарачката рамка и дека соодветно неисполнувањето на задачите во тој Протокол Македонија ќе напредува или нема да напредува кон ЕУ, односно ќе се отвораат или ќе се затвораат поглавја. Наједноставно кажано доколку Македонија прифаќа бугаризација ќе напредува кон ЕУ, доколку не прифаќа бугаризација што е став на огромното мнозинство од македонски народ нема да напредува кон ЕУ. Лагите паднаа, маските паднаа“, истакна Николоски на денешната прес-конференција.

„Исто така вистински скандал е тоа што Бујар Османи и оваа предавничка Влада го нема се уште објавено Протоколот кој што тие денеска го потпишаа. Иако со денови и недели Османи најавува негово објавување и споделување со македонската јавност, сепак и по потпишувањето на овој протокол кој се уште не е јавно објавен, јасно е дека се плашат да го објават затоа што се свесни какви лоши работи има во него и каква ќе е реакцијата на македонската јавност кога ќе види светлина на денот.

Но, тој Протокол ќе се објави без разлика дали тоа ќе се случи утре, дали ќе се случи во вторник после сликањето во Брисел или во среда, во четврток, тој Протокол ќе се објави. И тој Протокол ќе е од интерес на македонската јавност не ден или два, не час или два, туку години и години нанапред затоа што тој Протокол го успорува напредокот на Македонија. Тоа е Протоколот кој што е камен околу вратот на Македонија.

Според Протоколот потпишан денес во Софија, на кој Бујар Османи и Бојан Маричиќ гордо застанаа јасно и гласно пишува дека вистинските преговори на Македонија со Европската Унија нема да започнат со сликањето, како што тоа го најави Ковачевски кое што ќе се случи во Брисел во вторник, туку ќе започнат после промената на Уставот на Македонија со цел вметнување на Бугарите во Уставот, и одржувањето на вистинската меѓувладина конференција“, дополни Николоски.

17.07.2022 - 13:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега