Здружението на кошаркарските прволигаши ja осуди одлуката на репрезентативците за бојкот

Здружението на кошаркарските прволигаши во Македонија преку отворено писмо ги нападна репрезентативците кои го бојкотираат стартот на подготовките за ЕП поради поради правилото за шест странци во клубовите од домашното првенство.

- Македонската репрезентација се соочува со бојкот на дел од репрезентативците, потпомогнати од најзасегнатите играчи, а повеќето од нив не се ни дел од репрезентацијата. Било какви промени во однос на правилата за натпреварување се со цел за напредок на кошарката во Македонија. Иницијативата и изгласувањето на оваа промена во однос на бројот на странци во една екипа е со цел нивото на игра да се крене на едно позавидно и попрофесионално ниво, стои во дел од соопштението на ЗПМ.

Претставниците на клубовите ги повикуваат кошаркарите да ја преиспитаат својата одлука и да имаат соодветен однос кон дресот со националните бои.

- Без разлика на староста, играчките капацитети и досегашните индивидуални достигнувања, на секој играч кој ќе биде повикан да ги брани боите на националниот дрес, треба да му претставува особена чест и гордост, а пред сѐ обврска кон својата земја.Опкружени од бројни примери каде што многу поголеми играчи кои освоиле многу повеќе со своите тимови и репрезентации, со гордост се враќаат да играат за своите држави, Македонија се соочува со бојкот кој единствено може само да и наштети на македонската кошарка се вели во реакцијата на ЗПМ по одлуката на Здружените на кошаркари (ЗКМ) за бојкот на репрезентацијата.

Од ЗПМ потенцираат дека кога се работи за пари играчите целосно се подготвени да одговорат на задачите, а кон репрезентацијата не е таков односот.

- За жал, ние сме сведоци на сосема поинакво сценарио, каде играчите се 100% подготвени да одговорат на било која финансиска понуда на некој клуб, а истовремено да ескивираат и да пронаоѓаат безброј оправданија тоа да не го сторат за репрезентацијата. Очигледно е дека парите се „послатки“ од честа да се носи дресот на својата земја, која разбирливо не е финансиски поткрепена опција, но ниедни пари не можат да го платат успехот на една нација која беше постигнат пред неколку години, е соопштуваат од ЗПМ.

Здружението на прволигашите ја повикува федерацијата да преземе санкции кон они кои бојкотираат.

- Ја повикуваме Федерацијата да постапи во согласност со правилата и ингеренциите кои ги има кон сите регистрирани играчи. Доколку не ги почитуваат одредбите на Федерацијата и не одговорат на повикот на позивот за репрезентацијата, истите да бидат санкционирани со соодветни казни и суспензии. Ние како здружение на прволигаши ќе ја поддржиме ваквата одлука на Федерацијата, а истовремено ќе заземеме став со кој сите играчи кои се под договор во своите клубови да бидат исто така суспендирани, пишува во соопштението. 

01.07.2014 - 16:22
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега