Игор Стефановски – Иџе на трката во Словачка на третото пиедестално место

Игор Стефановски - Иџе застана на третото пиедестално место на осмата трка од Европското првенство на ридски патеки, кое викендов се одржа во Словачка на патеката Добшински Копец. 

Водечкиот во генералниот пласман повторно „преживуваше“ тешки моменти по откажувањето на менувачот на брзините на саботниот тренинг и се соочи со опасност предвреме да ја напушти трката. Благодарение на огромната желба за освојување на европската титула и на способноста на механичарот Тихо Матевски, Иџе во втората трка успеа зад себе да го остави најголемиот конкурент во групата Н, Јири Лос, но мораше да се задоволи со трето место зад домашните автомобилисти Петер Јурена (6.02.144 минути) и Властимил Мајрчак (6.02.456 минути).

- На саботниот тренинг останав без третата брзина од менувачот. Бидејќи не можевме да го поправиме имавме две опции: да се спакуваме и да тргнаме дома за да го поправиме дефектот и да можеме навреме да стигнеме на следната трка во Германија или да се обидеме со резервниот, ама стандарден менувач. Сите ми велеа дека немам шанси да направам нешто со тој менувач, но механичарот Матевски го направи невозможното. Имав големи проблеми во првата трка, бидејќи овој менувач не е мапиран со елктрониката и со моторот и имав послабо време од Мартин Јерман (третопласиран во групата Н), а бев скоро израмнет со Лос. Во вториот настап решив да одам на „се или ништо“, во два наврати за малку ќе излетав од патеката,но тоа ми се исплатеше и по се што се случи викендов задоволен се враќам од Словачка, изјави Стефановски.

Иџе патеката долга 6.810 метри ја мина за време од 6.05.397 минути (3.03.179 и 3.02.218), четврт беше Лос (3.03.182 и 3.02.685 минути), а петти Јерман (3.02.904 и 3.04.937).

Јаромир Мали го освои првото место во групата А и со 25 бода му се приближи на Стефановски во трката за титулата. Иџе и понатаму е прв со 158 бода, пред Мали кој собра 125 поени.

Следната трка е наредниот викенд во Германија. 

21.07.2014 - 09:12
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега