Иванов ги прими хористките од „Света Злата Мегленска“

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими членовите на женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ по повод нивниот успешен настап и освоените два златни и еден сребрен медал на Светските хорски игри во Рига, Летонија.

- Вашиот успех е успех и на Македонија. Честопати велам, да ја градиме Македонија во височина. Вие тоа го покажавте на најдобар начин, освојувајќи највисоки светски признанија и награди. Покажавте како се сака и се промовира Македонија. Ја презентирате во светот сета наша богата духовна култура и традиција. Не направивте навистина горди. Сите што придонесуваат со успеси во која било област, заслужуваат големо внимание и почит, рече на средбата претседателот Иванов честитајќи им го постигнатиот успех на хористките и им посака бројни успеси и во иднина. 

Членовите на хорот заблагодарувајќи се за средбата го информираа претседателот Иванов дека двата златни и еден сребрен медал во конкуренција од над 500 хорови од целиот свет е огромен успех за нив, но чувството дека со ова придонесуваат во културната промоција на Република Македонија им дава дополнителен мотив за продолжување на музичката приказна.

- Секоја награда за нас претставува нов предизвик да продолжиме по патот на успехот, постојано отворајќи нови поглавја, истакна диригентот Летка Полизова-Димовска.

Членовите на хорот изведоа две хорски композии.

Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ е формиран во 1996 година и зад себе има бројни настапи и освоени повеќе награди. На Светските хорски игри што од 9 до 19 јули се одржаа во Рига се натпреваруваа во три категории - духовна, световна и фолклорна категорија.

23.07.2014 - 16:33
Фото: 
денешен
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега