Иванов оствари средба со амбасадорите Волерс и Орав, Берц од ОБСЕ и Ивануша од НАТО

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ги прими Пол Волерс, амбасадор на Соединетите Американски Држави, Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија, Мариан Берц, заменик-шеф на Мисијата на ОБСЕ и претставникот на Канцеларијата за врски на НАТО, потполковник Маријан Ивануша.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот, биле разменети мислења и информации околу состојбите и очекувањата во врска со членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО, добрососедските односи и регионалните прашања, како и за актуелните внатрешно политички случувања во државата.

Претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија високо го цени партнерството и пријателството кои во континуитет се развиваат со САД, ЕУ, ОБСЕ и НАТО и изразил благодарност до соговорниците за нивниот ангажман и придонес во унапредувањето на односите и интензивирањето на соработката.

Македонскиот претседател, потенцирајќи го почитувањето на меѓународните договори и спроведувањето на меѓународните обврски, порачал дека е потребно надминување на статус кво состојбата на евроатланските интеграциите на Република Македонија, час поскоро, со што би се придонело кон надминување на предизвиците во државата и регионот.

На средбата се размениле мислења и во однос на последните настани поврзани со протестите поради случајот „Монструм“, при што соговорниците се согласиле дека протести се дозволени секаде, меѓутоа насилството не може да се толерира. Заклучиле, стои во соопштението, дека секој меѓуетнички инцидент или обид за поттикнување нетолеранција претставува можност за политизирање или искористување на ситуацијата за лична или политичка корист.

Било констатирано дека настаните што се случија се и можност за отворен дијалог и зацврстување на односите меѓу граѓаните од различна етничка и религиозна припадност.

Соговорниците ги поздравија преземените напори на претседателот Иванов во насока за надминување на предизвиците произлезени од актуелните внатрешно политички случувања во Република Македонија.

23.07.2014 - 20:44
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега