Губитози: Неспорен успехот на Џифони Македонија

Македонија е една од земјите што ја одбравме за соработка поради  нејзината стратешки одлична позиционираност да ги собере младите од сите соседни држави на Балканот и да биде центар на сите културни случувања кои сакаме да ги реализираме. Соработуваме исклучително добро со години. Благодарение на директорот на Агенцијата за филм Дарко Башески создаваме јадро во чии рамки филмот ќе го приближиме до децата во регионот, рече претседателот на „Џифони искуство“ Пјетро Риналди по денешната прес-конференција во рамки на фестивалот со која и официјално почна Македонскиот ден.

Претседателот на „Џинофи искуство“ не го криеше задоволството на делегацијата наши деца кои веќе 11 години се дел од фестивалот.

Прес-конференцијата ја отвори директорот на „Џифони искуство“ Клаудио Губитози држејќи го македонското знаме во рака.

– Ова знаме претставува една прекрасна земја на Балканот која имав задоволство да ја посетам. Ве поканувам сите да дојдете и да ја видите, напомена Губитози.

Според него, Македонија создаде одличен тим кој работи со исклучителен ентузијазам и енергија. Затоа, рече, и нема простор за сомнеж дека второто издание на Џифони Македонија ќе биде успешно.

- Го почнавме Џифони Македонија по првата средба со Губитози минатата година во Скопје. Бев воодушевен од неговиот однос со децата, и најсрамежливите успеа да ги извади на сцена. Оттогаш почнаа преговорите за соработка кои резултираа со потпишување тригодишен договор, истакна Башески.

Џифони искуство, додаде, не е само бренд, тука за нас претставува и многу силна врска преку која значително се интензвириа соработката со Италија во областа на продукцијата и културата.

- Луѓето со сличен менталитет и култура обично делат исти идеи. Оттука, не случајно произлезе и организацијата на фестивалот Џифони Македонија кој очекуваме да стане препознатлив во светски рамки, подвлече уметничкиот директор на Џифони Македонија Иво Антов.

Второто издание на Џифони Македонија ќе се одржи од 8 до 12 октомври и на него, како што најави извршната директорка Елена Величковска Николовска ќе учествуват 11 земји меѓу кои и два региона од Италија, Кампанија и Сардинија.

-Многу сме среќни и задоволни што повотрно сме дел од Џифони искуство каде учествуваме со години. Подготовките за второто издание на фестивалот се во тек. За разлика од лани, двојно ќе биде поголем бројот на земји. Учество потврдија Србија, Албанија, Унгарија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Португалија, Франција, Италија, се чека уште на Турција и Бугарија, информира Величковска Николовска.

Во официјалната селекција ќе бидат прикажани 13+16+10 филмови спрема категоријата деца кои гласаат, додека во оф програмата ќе има уште дваесетина меѓу кои краткометражни, анимирани и цртани за најмалите.

Македонскиот ден во Џифони продолжува со ревија македонски филмови. Попладне ќе биде отворена и изложба на фотографии кои ги претставуваат убавините на нашата земја, а вечер, додека посетителите ги дегустираат македонските традиционални производи, ќе настапи Мухамед Ибрахими. 

24.07.2014 - 14:16
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега