Иванов додели Медал за заслуги и Повелба на Република Македонија за дијаспората

Секоја генерација има своја борба. Нашите славни илинденци и АСНОМ-ци се бореле за слободна, суверена и независна Македонија. Ние, пак, се бориме за почитувана, успешна и просперитетна, европска и евроатлантска Република Македонија, истакна претседателот Ѓорге Иванов обраќајќи се на доделувањето  Медал за заслуги за Македонија и Повелба на Република Македонија за македонската дијаспора, во рамки  на Петтата годишна конференција на иселечнички организации.

Нашата борба е на два фронта, рече Иванов. -  Преку напорни реформи дома, Македонија денес ја градиме во височина, со највисоки вредности, критериуми и стандарди. Преку отвореност кон надвор, го унапредуваме угледот на Македонија во светот. Борејќи се на два фронта, неопходна ни е помош од дијаспората, додаде тој.

Македонскиот претседател рече дека постојат три начини како човек може да ја разбере вистината за Македонија. - Првиот е да чита за нашата богата историја и култура. Вториот е да ја посети Македонија и лично да се запознае со нашата традиција. Третиот начин е да ја запознае македонската дијаспора. Да се запознае со секој од вас, да ги чуе вашите животни приказни, да дознае за вашите дела и посветеност кон Македонија, нагласи тој.

Токму вие - заслужни поединци и организации од целиот свет, додаде Иванов, ја доловувате вистинската претстава за Македонија.

Македонија, како што рече, е земја на хумани луѓе. - Македонците отсекогаш давале и помагале и тогаш кога им било најтешко. Така било во минатото, така е и сега. Преку вашите добротворни активности, вие ја негувате таа длабока македонска традиција, истакна претседателот.

Македонија отсекогаш давала луѓе со отворен ум и со креативен дух. Уметници кои преку музиката и танцот, преку зборот и сликата ги освојувале светските сцени и галерии. Со нивното творештво Македонија е дел од богатиот мозаик на култури и традиции во светот.

Во своето обраќање претседателот истакна дека Македонија е и земја на правдољубивите, на борци за човекови права и човечко достоинство. - Меѓу вас има и историчари, кои неуморно го истражуваат нашето богато минато, претставници на медиуми и активисти, кои го запознаваат светот со вистината за Македонија, но и визионери, иноватори и претприемачи, кои ни помагаат да достигнеме уште посветла иднина, додаде Иванов.

Обраќајќи им се на присутните, Иванов рече дека „вечерва, тука, ве има и стари и млади. Потекнувате од различни краишта на нашата заедничка татковина, имате различна етничка и верска припадност, раселени сте по сите меридијани. Но, и покрај сите разлики, има едно нешто што ве поврзува. Сите вие сте вљубени во Македонија. За тоа зборуваат вашите животи, вашите дела, но и вашите лица вечерва. Дојдовте од сите страни на светот за да бидете тука, во Македонија, меѓу своите роднини, меѓу своите сонародници, истакна тој. 

Додаде дека секој нивни успех е и успех за Македонија. - Секој концерт и уметничко дело, секој објавен труд и напишана книга, секој глас подигнат во името на правдата и достоинството е глас и придобивка за Македонија. Колку поуспешни поединци, толку поуспешна Македонија.Вие сте наши амбасадори и промотори во државите кои станаа ваши втори татковини. Ни давате мотив и можност да ги развиваме и да ги унапредуваме односите со земјите во кои живеете и творите. Ги вложувате вашите таленти, време и енергија во промовирањето на вистината за Македонија, на македонските инвестициски можности и поволности, рече Иванов.

Претседателот Иванов потсети дека на денешен ден, на 24 јули 1957 година, пред точно 57 години, речиси нечујно згасна животот на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, меѓу народот познат и како прв претседател на Македонија.

- Уште додека беше жив, неговите заслуги за Македонија беа неправедно оспорувани, а неговото име, тука во неговата родна Македонија, беше забранувано, бришено и заборавано. Но, споменот за Ченто продолжи да живее во сеќавањата на неговите најблиски и на македонската дијаспора, рече Иванов.

Истакна дека како што дијаспората ни врати дел од заборавеното минато, така со дијаспората можеме да ја достигнеме и посакуваната иднина. - Да ја оствариме заедничката визија – со тимска работа да ја направиме Македонија подобро место за живеење, рече Иванов.

Со Медалот за заслуги за Македонија и со Повелбата на Република Македонија, Иванов ги повика заедно, како тим, да ги поврзат успешните иселеници од целиот свет со институции и со поединци во Македонија. - Заедно да носиме нови знаења, нови технологии и нови инвестиции во Македонија, да отвораме нови пазари за македонските производи, нови простори за македонското творештво, за повеќе работни места и поквалитетен живот во Македонија, истакна шефот на македонската држава.

MIA

24.07.2014 - 19:40
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега