Филипините се запознаа со извозните капацитети на Македонија

Извозните капацитети на Македонија беа претставени на Меѓународниот саем на храна  во Манила, главниот град на Филипини. Извршниот директор на Македонскиот совет за надворешна трговија Азија – Пацифик Владимир Кофчегарски имаше повеќе средби со претставници на компании и на филипинските власти.

- Веќе се сретнавме со клучните играчи на саемот во Манила каде ги промовиравме македонските извозни капацитети со надеж нашите продукти да се најдат на полиците во супермаркетите до крајот на оваа година. Исто како дел од нашата двонасочна економска програма, ќе ја понудиме нашата логистика и експертиза употребувајќи ја централно европската поставеност на Македонија како влезна точка за филипинскиот извоз во Европа, изјави Кофчегарски.

Економијата на Филипините забележува годишен пораст од 6,6 отсто, водена од својата растечка популација (98 милиони жители) која создава зголемена побарувачка на увезена храна и пијалоци, со вкупен увоз на продукти наменети за широка потрошувачка од над една милијарда американски долари годишно.

Македонскиот совет за надворешна трговија е вклучен во инвестициските промоции на Македонија во овој регион, каде азиските инвеститори, кои имаат потреба од влез во Европа, се запознаваат со потенцијалите на македонската економија како најдобра дестинација на инвестирање. Покрај Филипините, веќе се договорени средби со дистрибутери, владини претставници и претставници од стопанските комори на Тајланд, Виетнам, Малезија, Индонезија, Бурнеи и Тајван.

ФОТО: Денешен

најчитано сега