Обнова на куќа од стара градска архитектура во Крушево

Со поддршка од Министерството за култура, во тек е конзервација на куќата на ул.„Нико Доага“ број 65 во Крушево, која е дел од проектот на Владата и на Министерството за култура за реконструкција на фасади на значајни објекти од старата градска архитектура.

- Конзервацијата на објектот се одвива во неколку фази, а стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп во моментов интензивно работат на потпокривната конструкција од дрвени греди кои под тежината на камените покривни плочи беа пред уривање. По замената на системот греди и соодветните подготовки на покривот ќе бидат поставени нови камени плочи. Претходно на објектот беше извршено  зајакнување на темелите, а се работеше и на обликување на фасадата со основните градежни материјали,  дрво и камен се со цел зачувување на амбиенталноста на куќата, информира Министерството за култура.

 

Објектот има конструктивна и естетска концепција типична за крушевските куќи, а во изминатиот период беше со особено нарушен изглед на надворешноста. Целта на проектот е целосно да се зачува автентичниот изглед на фасадата на објектот кој се наоѓа во непосредна близина на галеријата „Мартиновски“. Тоа ќе придонесе за оформување на  комплетна слика за градителското наследство на Крушево.

 

По обновените фасади на куќите на семејството Важарови и на семејството Бинка, куќата на ул. „Нико Доага“ број 65,  е трет објект на староградска архитектура со впечатлива надворешност во Крушево, на кој се обновува фасадата.

- Враќањето на сјајот на овие објекти претставува поттик за идните градители во Крушево да ги следат традиционалните вредности при градењето со што ќе се овозможи странските и домашни посетители да и се восхитуваат на старата македонска архитектура, наведува Министерството за култура.

03.08.2014 - 11:58
Фото: 
региони
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега