Он-лајн системот за следење на готовинскиот промет ќе ја намали даночната евазија за 25%

Системот за он-лајн следење на готовинскиот промет во Македонија стартуваше. Првиот фискален апарат со ГПРС уред е регистриран на 5 август, а заклучно со вчерашниот ден регистрирани се вкупно 28 фискални апарати. Целиот систем треба да се заокружи во јануари 2015 година. Очекувањата се дека ќе ја намали даночната евазија до 25 проценти. За ова денеска информираше директорот на Управата за јавни приходи, Горан Трајковски. 

Во првата група ќе бидат опфатени 8.989 даночни обврзници кои поседуваат 26.679 фискални апарати, а во втората фаза се вкупно 39.685 даночни обврзници со 52.975 фискални каси.

- Верувам дека целиот процес ќе биде заокружен и да бидат сите онлајн поврзани во овој рок и очекуваме со воведувањето на системот 20 до 25 проценти од придобивките на дисциплината и на даноците кои произлегуваат од регистрација на прометот, истакна Трајковски и додаде дека услужните дејности се со најголеми можности за евазија.

Фирмите имаат на располагање во моментов девет фискални апарати од тројца производители, а 12 се во фаза на регистрација. Трошоците за набавка на новите фискални апарати ќе се сметаат за расход и ќе ги преземе Буџетот на Република Македонија.

Ваков систем имаат веќе воведено Србија, Хрватска, Албанија, Бугарија и Косово.

12.08.2014 - 14:15
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега