Црквата „Св. Никола“ во охридски Косел блесна во полн сјај

Со поддршка на Министерството за култура, стручните екипи на Заводот и музеј Охрид ја завршија шестата, последна фаза од проектот за конзервација и реставрација на архитектурата и на фрескоживописот на црквата „Свети Никола“ во охридското село Косел, проект вреден 3,9 милиони денари.

Како што соопшти Министерството, работите на црквата во континуитет се одвиваа од 2008 до 2014 со заштита на одделни секции од верскиот храм, кој датира од 15 век. Во текот на шесте етапи извршена е конзервација на архитектурата на црквата, која беше целосно распадната и за која постоеше опасност од уривање. Се работеше во внатрешноста на црквата на конзервацијата на вредниот фрескоживопис, се конзервираа оштетените фрески, а паралелно се работеше на новооткриениот живопис.

Со целиот проект, објектот статички е зајакнат, направено е целосно препокривање и фугирање на отпаднатите делови, истовремено е извршена дренажа околу црквата како примарна заштита од влагата и од неповолните надворешни влијанија. Исто така, се наведува, направено е и партерно уредување на црковниот двор.

Црквата „Свети Никола“, која е значаен споменик на културата, има специфична архитектура со мали димензии и со својот облик е сродна на повеќе еднокорабни цркви од околината на Охрид. Токму поради вредноста на нејзината архитектура и  нејзиниот фрескоживопис, таа е особено интересна за посетителите, се наведува во соопштението.

25.08.2014 - 10:32
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега