Македонскиот првак Железарец по шести пат во ЛШ во Футсал

Македонскиот првак, екипата на КМФ Железарец по шести пат едноподруго ќе ја претставува нашата земја во натпреварите од Лигата на Шампиони во футсал. Овогодинашната ждребка сакаше нашиот првак да патува во Црна Гора, каде на 29 - ти август ќе се сретне со израелскиот првак АСА Бен Гурион, а ден подоцна силите ќе ги одмери со домаќинот КМФ Агама од Подгорица. Само првакот од оваа мини група ке обезбеди пласман во следната рунда која ќе се игра од 30- ти септември до 5-ти октомври во чешкиот град Чрудим, каде што покрај домаќинот ЕРА Пацк Чрудим, ќе учествуваат и францускиот шампион Спортинг од Парис и победникот од претквалификациите од групата Е.

Се чини дека нашиот шампион е во најтешката група од оваа прелиминарна рунда, но сепак засилувањата кои беа донесени во летниот преоден рок даваат надеж дека КМФ Железарец ќе го повтори успехот од 2010 и 2012 година кога успеа да обезбеди пласман меѓу 24-те најдобри екипи во Европа.

Изјава на Васко Скендеровски, сопственикот на клубот:

- Добивме една исклучително тешка и изедначена група, во која шансите се подеднакви да патуваат во Чешка на сите три екипи. Сепак мислам дека главни фаворити сме ние заедно со домаќинот на групата. Баравме силна група, ете тука сме сега да го покажеме нашиот квалитет. Амбициите кои ги најавивме на крајот од минатата сезона, а тоа е да прераснеме во професионален колектив, веќе се остваруваат. Го донесовме најдобриот тренер од овие простори, Божовиќ Иван, потоа две засилувања од Србија, Новаковиќ и Јосимовиќ, ги вративме нашите странци Ранготов и Мицевски и мислам дека сосема спремни ги дочекуваме овие квалификации. Не бегаме од улогата на фаворит, иако знам дека ќе биде исклучително тешко.Подготовките минаа во најдобар можен ред, одигравме неколку контролни натпревари, сега е време да докажеме дека сме најуспешниот македонски футсал колектив. Се надевам дека нашата овогодишна футсал приказна, нема да заврши тука, напротив мислам дека и во следната фаза не сме без шанси. Сепак најпрво посакувам да одиграме максимално квалитетно во Подгорица и достојно да го презентираме македонскиот футсал.

Екипата на КМФ Железарец двата натпревари ги игра со почеток во 21 часот, а натпреварот со екипата на КМФ Агама ќе биде дирекно пренесуван на Црногорската национална телевизија во сабота, 30-ти август.

 

29.08.2014 - 10:57
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега