Нишикори се пласира во четвртфиналето на УС Опен

Јапонскиот тенисер Кеи Нишикори е последниот кој од вчерашниот ден на УС Опен избори пласман во четвртфиналето.

Доцна по полноќ (според времето во Њујорк 2:30 часот или утрово 8.30 по македонско време) успеа во мечот од осминафиналето да го победи Милош Раониќ (5.носител) со 3:2 во сетови. Тој во следното коло ќе игра против Стан Вавринка, кој беше поуспешен од Томи Робредо со 3:1.

Во другото четвртфинале ќе играат Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, кои во синоќешните мечеви постигнаа победи од 3:0. Ѓоковиќ го победи Филип Колшрајбер, Мареј беше подобар од Жо Вилфред Цонга.

Кај жените беа комплетирани осминафиналните дуели. Серена Вилијамс ја победи Каја Канепи со 2:0, а во четвртфиналето ќе игра против Флавија Пенета, која со истиот резултат беше подобра од Кејси Делакуа. Викторија Азаренка со пресврт стигна до триумф над Александра Круниќ и од 0:1 победи со 2:1 и во следната рунда ќе игра против Екатерина Макарова, која ја победи Јуџин Бушар со 2:0.

Вечерва на програмата се четири мечеви од машкото осминафинале и првите два четвртфинални дуела кај жените.

02.09.2014 - 10:23
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега