Канческа-Милевска ја прими наградата „8 Септември“

Министерството за култура од Општина Крушево доби награда „8 Септември“ за 2014 година – највисока општинска награда по повод Денот на ослободувањето на Крушево од фашизмот пред 70 години, а кој се совпаѓа и со државниот празник – 23 години од независноста на Република Македонија.

Признанието на Министерството му е доделено за неговиот придонес во унапредувањето на културата и на условите за развој на туризмот во Крушево, кој оваа година ја носи и титулата „Град на културата во Република Македонија“.

Одлуката ја донесе Советот на Општината, а наградата и беше врачена на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска на свечена седница во хотелот „Монтана“. Наградата и ја врачи градоначалникот Ѓорѓи Дамчевски.

Министерката Канческа-Милевска истакна дека таа е големо признание за заложбите на сите во Министерството за култура во изминатиот период за промоција на културно-историските знаменитости на Крушево и збогатување на културната понуда на градот.

- Наградата „8 Септември“ е поттик повеќе да продолжиме со посветеност и енергија да го унапредуваме развојот на културата во сите сегменти во градот Крушево, во интерес на сите наши граѓани. Градот Крушево е ризница на македонската култура и традиција и уверена сум дека во иднина ќе ги популаризираме и афирмираме вредностите на богатото културно наследство на овој град, кој со право оваа година го носи епитетот престолнина на културата во Република Македонија. Да се зборува за Крушево значи да се зборува за сопствената историја и култура. Крушево е град музеј, град кој изобилува со историски зданија кои се одек од минатото и потврда за непроценливото културно наследство на нашата држава, рече Канческа-Милевска.

Таа ги спомна културните вредности на градот кои Министерството за култура посветено ги негува и инвестира во нив, како: поставките во Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република, Галеријата на Никола Мартиноски, која до крајот на годинава ќе има нов ентериер, реконструкцијата на надворешноста на востаничката леарница, споменичните обележја Слива и Мечкин камен, како и Музејот на Тоше Проески кој беше отворен во 2011 година.

Таа посочи и на донесениот посебен Закон за заштита на старото крушевско јадро, реставрацијата на фасадите на старата крушевска архитектура, проектот за заштита на споменичниот комплекс „Илинден“ и на црквата „Св. Јован“, поддршката на манифестациите „10 дена Крушевска Република“ и „Крушево етноград“, како и настаните оваа година во рамки на „Крушево град на културата 2014“.

Градоначалникот Дамчевски на свечената седница зборуваше за историскиот 8 септември 1944 кога градот бил ослободен од крушевскиот партизански одред „Питу Гули“ и за нивниот придонес во слободата на Македонија.

- Нашата главна битка денес се однесува на остварување на културниот и економскиот просперитет. Да ставиме приоритет на отворањето нови работни места со што ќе овозможиме задржување на младите на дедовските огништа, рече Дамчевски кој побара уште поголема поддршка за традиционалните манифестации „10 дена Крушевска Република“ и „Крушево етноград“.

По повод Денот на ослободувањето на Крушево беа доделени и пофалници на најдобрите ученици во 2013/2014, како и пет признанија на поединци коишто ја афирмирале општината.

04.09.2014 - 15:05
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега