Волерс: Македонија е лидер во борбата против трговија со луѓе и компјутерскиот криминал

Македонија е регионален лидер во борбата против трговија со луѓе и компјутерскиот криминал и одличен партнер во борбата против тероризмот, нагласи американскиот амбасадор Пол Волерс откако со министерите за внатрешни работи и за правда Гордана Јанкулоска и Аднан Јашари го потпишаа второто дополнување на Писмото за согласност за спроведување на законите меѓу владите на Република Македонија и на САД.

Македонија, истакна Волерс, не е сама во борбата со овие сложени прашања, се работи за глобални прашања и земјите  мора да работат и да соработуваат за да се справат со нив.

Според амбасадорот на САД, за владата, полицијата и судските власти и понатаму остануваат предизвици во реформите и во спроведувањето на законите и затоа ги охрабри да продолжат со борбата против корупцијата, селективното гонење и да се обидат да ги разрешат сите проблеми поврзани со меѓуетничките односи.  Сепак, посочи, овие проблеми не се само за Македонија, тие се насекаде и тоа не потсетува дека мора да постојат транспарентни постапки, отворен дијалог и соосдветен надзор и контрола за да се обезбеди доверба од заедницата.

Потпишувањето на Писмото, истакна Волерс, е одраз на блиското партнерство меѓу Македонија и САД насочено кон уверување дека земјава е целосно подготвена за да ги реализира своите аспирации за идното членство во ЕУ и во НАТО. Тоа, истакна, навистина го поддржуваме. Инаку, во изминатите неколку години помошта во владеењето на правото во Македонија од САД беше на полициските службеници, обвинители и адвокати, со посебен акцент на спроведување на новиот Закон за кривична постапка што стапи во сила во декември 2014 година. САД, најави Волерс, ќе ја прошират помошта и поддршката во реформите во правната едукација, ќе се фокусираат и на образованието на идните адвокати, обвинители и судии. Меѓу другото потсети дека Македонија е една од првите балкански земји која воведе упатства одмерување на казните, а работи и на нацрт-закон за негово подобрување.

Министерката Јанкулоска истакна дека дополнувањето на Писмото за согласност, потпишано во август 2012 година, претставува уште една потврда за цврстото партнерство и заедничката посветеност да се успее на патот на македонските евроатлантски аспирации.

- Со ова потпишување се регулира и потребата за поддршка на имплементацијата на Акцискиот план на Владата за Поглавјето 23 (судство и фундаментални права), и 24 (правда, слобода и безбедност) од заедничката европска правна рамка. Целта е повеќе од императив, а тоа е зајакнување на капацитетите на надлежните институции за спречување и справување со криминалот, особено на организираниот криминал и корупцијата, рече Јанкулоска.

Од аспект на МВР, потенцира, примарна цел е натамошното развивање и надградбатата на капацитетите на органите за спроведување на законите, со посебен фокус на подобрување на ефикасноста и квалитетот на кривичните постапки, развивање на капацитетиет на македонските институции надлежни за борба со криминалот, подобрување на сиситемот и квалитетот на обука на службениците инволвирани во процесот на борбата против криминалот. 

- Дури би истакнала дека таа има своевидно стратешко значење затоа што владеењето на правото е врвен интерес на македонската држава и нејзините граѓани, рече министерката Јанкулоска. 

Незавиосноста на судскиот систем, потенцираше министерот Јашари, претставува основен столб на правниот поредок заснован врз принципот на владеењето на правото и на функционирањето на правната држава.

- Во тој дух, остварувањето и заштитата на човековите права во секое демократско општество најнепосредно се поврзани со ефикасноста на судството како самостојна власт во правниот систем на државата, рече Јашари, додавајќи оти Министерството за првада во изминатиот период сериозно се има зафатено со сериозни чекори со реформата на судството за што во тек е постапка за донесување на амандманите на Уставот на Република Македонија.

04.09.2014 - 16:06
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега